Мицкоски: Слугите на Заев ќе завршат како Катица, со качулка на главата и лисици на рацете
Владеење на правото,правна држава, нулта толеранција за криминалот и корупцијата и дигитализација на цела Македонија, вети лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пред центарци. На 12 Април според него ќе дојде крајот на владеењето на Зоран Заев. Осврнувајќи се на аферата со додатоците на платите во СЈО и притворот на Катица Јанева, Мицкоски рече дека слугите на премиерот треба да ја запаметат сликата од специјалната обвинителка со качулката на глава и лисици на рацете.
“Тоа е сликата на сите овие слуги кои што денеска му слугуваат на Зоран Заев. Таа слика ги чека Зоран Заев на крајот за да се спаси себеси и малкумината околу него обожаватели е подготвен сите нив сите слуги од прв до последен да ги наметне во една таква качулка и тоа треба да биде примерот кој што не треба да го следат. Имаме време 12 април е за неколку месеци од сега немојте и вие да продолжите да му слугувате на Зоран Заев затоа што крајот е таков каков што го имаше Катица Јанева со качулката на глава и со лисиците на рацеe”, порача Мицкоски.
Мицкоски повторно го актуелизираше предлогот, оној кој ќе победи на следните избори да има право да ја составува идната влада, а поразениот да не се крие зад пратеничкиот имунитет и да замине во политичка пензија и да се соочи со сите последици.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вети и мерки за спречување на иселувањето на младите, помали даноци и поголеми плати, инвестиции во здравството, образованието. Сите тие наскоро како што рече ќе бидат објавени во предизборната програма.
Градимир Марковски