Мицкоски: Не го оставајте македонското стопанство на милост и немилост

Мерките на владата за справување со економските последици од корона кризата се задоцнети, нецелосни, нефер спрема сите компании, а предлозите на ВМРО-ДПМНЕ, како таа за покривање на 50 проценти од трошоците за бруто плата на компаниите се одбиваат без воопшто да се разгледаат. Претседателот на опозициската партија испрати апел до власта да ги послуша и земе предвид нивните предлози, затоа што како партија во тој домен се поискусни.

 Во делот на економијата, каде што со право се чувствуваме поискусни, со експертиза од претходни успешни економски политики и третирање на економски кризи, но и со човечкиот капацитет кој го имаме во нашата партија, сакам да и порачам на Владата: доста со политика и инает. Престанете со политика и не правете политика од се и сешто. Ве молам послушајте што ние, професорите, синдикатите и коморите ви говориме – изјави на денешната прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. 

Тој рече дека предлогот компаниите да добиваат поддршка до 50 проценти на бруто трошоците по вработен, односно до 27 илјади денари по вработен, иако бил уредно доставен преку техничкиот министер Наќе Чулев на седница на владата, бил одбиен од премиерот Оливер Спасовски без воопшто да биде ставен на дневен ред.

Со тоа владата ги лишува од директна помош компаниите и вработените за субвенција до 50 проценти за бруто плата по вработен или парична помош најмногу до 27 илјади денари по вработен. Со тоа директно за месеците март, април и мај во стопанството државата ќе инјектираше повеќе од 350 милиони евра – додава Мицкоски.

Мицковски смета дека освен мерката за платите, треба да се преземат уште три чекори, а тоа се парите кои се уплаќаат во вториот пензиски фонд да влезат во првиот задолжителен фонд од 1 април и на тој начин да обезбедат ликвидност на првиот задолжителен фонд, а во подобри времиња да ги вратат во вториот пензиски фонд. Второ, благајничките записи во Народната Банка под итно да бидат пренесени и да ги запишат во хартии од вредност и со тоа да се обезбедат 25 милијарди денари инјекција за македонското стопанство. И трето да се репрограмираат државните долгови, односно Владата да почне преговори со заемодаватели на државата, за тоа што треба годинава да го вратиме, да се одложи за догодина.

Апелирам да се преземат овие чекори. Нека баталат политиканство се работи за човечки судбини, нека ги надминат сопствените суети, никој не им ги спори. Ова нека бидат нивни предлози – вели Христијан Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ исто така побара владата да го зголеми бројот на тестирања затоа што експертите сметаат дека на тој начин ќе се спасат повеќе животи.

Адријана Алексиеска

 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста