Мицкоски: Наместо економска година, имавме година полна со економски неуспеси и падови

Ниту силен економски бум, ниту нови инвестиции, ниту пониски даноци, ниту пак подобра живеачка. 2020-та ја дочекуваме со големи економски неуспеси и доосиромашување на граѓаните, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, анализирајќи ги преку бројки годините наназад.

Наместо стапка на економски раст од 5%, сега тој е помал од 3,5% што значи 150 милиони евра помала додадена вредност во економијата. Стандардот на работниците е далеку од ветувањата на власта за просечна плата од 30.000 денари.

– Реалноста говори дека Македонија тоне, несигурноста е сеприсутна, во домашните компании ништо не се менува, а наплатата оди се потешко. Секој изминат месец е загуба за економијата. Само за месец декември 2019 година биле планирани околу осум и пол милијарди денари да бидат прибрани од страна на УЈП, а биле прибрани околу осум милијарди и педесет милиони денари или за 5,77% помалку од истиот декември во 2018 година, рече Мицкоски.

Странските инвеститори и дадоа „црвен“ картон на Владата. Само во првите шест месеци лани имало само 55,6 милиони евра, што е најслаб резултат во изминатата деценија. Стапката на реализација на капиталните расходи е под 50% што значи 200 милиони евра помалку реализирани инфраструктурини и капитални проекти.

– Заклучно со третиот квартал 2019 година странските инвестиции се околу 113 милиони евра или споредено со истиот период од минатата година кога стопанството беше под жесток притисок на информацијата дека од 01.01.2019 ќе се зголемуваат даноците во нашата држава, биле инвестирани за 186 милиони повеќе отколку тоа што го направија оваа година или да го поедноставиме оваа година заклучно со третиот квартал заклучно со месец септември имаме за 186 милиони евра помалку директни странски инвестиции од колку за истиот период минатата година и тие се на ниво од 113 милиони евра. Колку за потсетување соседна Србија за истиот тој период има 2,6 милијарди евра директни странски инвестиции, додава Мицкоски.

Мицкоски рече дека данокот на личен доход бил за 1,98% помал од планираниот и тоа е поради зголемената даночна ставка заклучно со октомври. Ако не беше така, вели Мицкоски, оваа ставка на потфрлање ќе беше двоцифрена.

– Кај ДДВ, данокот на додадена вредност имаат околу 0,15% помалку од планираното или се на се тој е приближно 5% помалку од планираното или за цели седумдесет милиони евра, имаат потфрлање од тоа што било планирано на почетокот на годината. Доказ дека на економијата не и оди добро за извор ќе го напоменам извештајот кој што го издава УЈП. Втор индикатор дека имаме цунами економија односно катастрофа во економијата трета година по ред е бруто домашниот производ кој што гледаме беше дел и од она скапо платена кампања на СДСМ по медиумите и така фалени резултати кои што се однесуваат до порастот на бруто домашниот производ. Но, тоа е кога споредуваме погрешни индикатори, тоа е она кога се обидувате на брутален начин да ја лажете и манипулирате јавноста, заклучува Мицкоски.

Куповната моќ и стандардот и натаму остануваат болна тема меѓу граѓаните. Иако институциите велат дека имало подобрување, граѓаните се жалат дека едвај преживуваат.

Иако власта се фали дека просечната плата пораснала, проблемот е што ретко кој ја зема. Но според синдикалната кошница, за едно семејство потребни се над 32.000 денари.

Дел од граѓаните велат дека се оптоварени со проблеми кои ги имаат во континуитет со години наназад, како ниски плати и пензии, иселувањето на младите и висока стапка на невработеност. Дел од луѓето велат дека има олеснувања, но се уште не чувствуваат дека има подобри услови за живеење.

И покрај благите подобрувања, земјава и натаму остана меѓу лидерите по сиромаштија и иселување на младите кое зема се поголем замав.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста