Мицкоски најави раст на платите и пензиите, а намалување на даноците

Подобар стандард на граѓаните, раст на платите од 25 проценти, зголемување на пензиите за 20 отсто, намалување на невработеноста што ќе се реализира со подобрување на бизнис климата, воведување на рамен данок, и над 4 милијарди евра инвестиции за еден мандат. Ова се само дел од предизборните ветувања, срочени во сет од 11 мерки, дел од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ.

-За да имаме развој ни треба повеќе во економијата, почитување на законите и повеќе во стандардот кај граѓаните. Се обврзуваме за обнова која ќе овозможи зголемување на просечна плата во државата за минимум 25% во еден мандат. Тоа ќе значи повеќе пари за работниците или во просек за 6.500 денари повеќе од платата која што ќе биде исплатена просечна во државата во декември месец 2019-тата година. Се обврзуваме за обнова која ќе овозможи зголемување на просечната пензија на пензионерите за минимум 20% ..Ослободување од персонален данок за вработување на млади до 29 години кој имаат годишен нето приход до 6.5 илјади евра.

Доколку ја добие довербата на граѓаните Мицкоски најави целосна економска обнова, која вклучува и напуштање на концептот на прогресивен , а воведување на рамен данок.

-Ќе паѓаат даноците, а тоа значи повеќе пари за стопанството и граѓаните. Целосно ќе го напуштиме концептот на прогресивен данок и ќе воведеме рамен данок до 8%. Ќе стартуваме од 10%, од кој за 1% ќе имаме намалување во првите 100 дена, што значи рамен данок од 10 на 9%, а во период од две години уште за дополнителен еден процент ќе дојдеме на 8%. Се обврзуваме за обнова кој ќе донесе нов модел на реиндустриализација. Се обврзуваме за обнова која ќе донесе раст на БДП за минимум 4% годишно. Се обврзуваме за обнова која ќе донесе повеќе пари за бизнисот, помалку давачки и бирократија, изјави Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, вели оти предизвикот е голем, а проблемите многубројни, но со домаќинско работење, сите идеи и планови можеле да станат станат реалност.

Сања Т. Ставров

 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста