Мицкоски: Куманово да не биде заложник на партиските битки и суетата на Спасовски

Куманово да не биде заложник на внатрепартиските битки и суетата на техничкиот премиер Оливер Спасовски, се огласи преку видеообраќање лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој веќе шести ден е во самоизолација. Вели дека добро е власта да прогласи кризна состојба, за што поскоро да се преброди оваа лоша состојба. Ја поздрави одлуката на министерот за внатрешни Наќе Чулев, дека законот мора да важи за сите подеднакво.

– Во текот на вчерашниот ден имавме голем број на апели на кумановчани па дури и на градоначалникот на Куманово до владата за прогласување на кризна состојба и поуспешно справување со Ковид-19 вирусот и оваа пандемија која што ни се случи. Но од друга страна видовме еден примитивен инает, надменост би рекол лична фрустрација и суета од страна на владата и техничкиот премиер Оливер Спасовски кој никако позитивно да одговори на барањето на кумановчани и градоначалникот на Куманово. Иако и кумановчани и сите ние сме сведни дека пред некоја недела дека токму лично тој под превезот на хуманитарна помош за ранливите социјални категории се обидуваше да спечали некои политички поени, на тој начин некако го рашири Ковид-19 вирусот и пандемијата во Куманово, рече Мицкоски.

Што се однесува пак до економските политики на земјава, Мицкоски рече дека било добро што владата ја прифати идејата за искористување на средствата за државни записи откако Народната банка рњеши да ја намали емисијата на благајнички записи за 130 милиони евра.

Сепак, тој порача да не се манипулира со иницијативата на ВМРО ДПМНЕ за парите од пензиските фондови за кои опозициската партија и официјално преку министерот Чулев достави предлог во Владата за времена пренамена на уплатите од вториот во првиот пензиски столб што таа експресно го одби. Мицкоски предупредува од примитивен инает и комплетно незнаење.

– Мислам дека е ова второто, комплетно незнаење, а образложението е дека веќе во април била исплатена платата за март и второто е дека на тој начин ќе биле оштетени 500 илјади осигуреници и ќе биле одземени нивните средства. Што е комплетно неточно, имено нашата мерка беше предвидена да ги опфати периодот од први април до крајот на годината средствата кои што времено треба да се уплаќаат во од први април до крајот на 2020 година, потенцирам требаат затоа што тие не се уплатени во вториот задолжителен пензиски фонд, да бидат пренасочени во првиот задолжителен државен фонд и на тој начин да се обезбеди стабилна и сигурна исплата на пензиите за пензионерите, додава Мицкоски.

Мицкоски се осврна и на настаните од скопско Сингелиќ, каде помала толпа на граѓани се обиде да манифестира револт прекршувајќи го законот и вонредната состојба. Го поздрави чинот на министерот Чулев кој веднаш поднесе кривична пријава против трите лица.

Го охрабри и МВР да извршат целосна идентификација на сите кои го прекршиле законот и вонредната состојба во државата и ги доведоа во опасност животите на нашите сограѓани и против истите да бидат поднесени соодветни пријави, зашто Законот мора да важи за сите, без разлика на партиската или верската припадност.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста