Мицкоски: Kатастрофални резултати во економијата

Економијата пропаѓа, додека Владата убедува дека се уште блескаме – обвинува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Според него, и покрај проблемите во стопанството кои почнаа во втората половина од март, сите држави од регионот со исклучок на Македонија испорачале поголем економски раст во првите три месеци. Бројките биле доказ за погрешните економски политики на власта – вели Мицкоски. Според државната статистика, брутодомашниот производ во првиот квартал се зголемил за едвај 0,2%.

„Србија книжи раст од цели 5%, понатаму Турција од 4.5%, Хрватска 0.4%, соседна Бугарија од 1.2%. И сите овие кои што неколкукратно имаат поголем БДП од нас во првиот квартал го демантираат она кое што го велеше Зоран Заев и во парламентот кога ја примопредаваше функцијата премиер, односно претседател на Владата, и сето она кое што понатаму го спомнуваа ресорните министри дека блескаме и дека економијата ни е на прав пат“ – вели Мицкоски.

Доказ дека македонската економија оди во надолна насока, според Мицкоски е огромниот пад на извозот. Продажбата на стоки и услуги во странство била пониска за 21 и пол проценти во првите 4 месеци од годинава. Состојбата особено била алармантна во април. Тогаш извозот се намалил за дури 60 отсто споредено со истиот месец лани. Странските инвеститори кои се главни двигатели на извозот, но и речиси сите стопански комори побараа да продолжи владината помош за исплата на плати. Мицкоски побара поддршката од 14.500 денари по работник да трае и во јуни, јули и август.

„Единствено што ми преостанува е да ја замолам Владата да се надмине себе си, да го надмине оној примитивизам кој што ги опкружува. Нека ги продолжат мерките за помош на реалниот сектор и стопанството и да не завршат тие заклучно со месец мај. Да ги продолжат и за месеците јуни, за месеците јули и за месецот август затоа што тоа му е потребно на реалниот сектор. Само здрав реален сектор ќе значи и здрава македонска економија“ – побара Мицкоски.

Владата очекува годинава економијата да заврши во рецесија од минус 3,4%. Најголеми песимисти се ЕК и ММФ, според кои БДП ќе заврши во негатива од . -3,9%, односно -4%. Лани економијата заврши со 3,6% раст.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста