Мицкоски: Изминативе три години во Македонија изгледа рекетот бил професија

Ден по објавата на двете аудио снимки на Јутјуб насловени Васил Димишков 1 и Васил Димишков 2 Заев ги избегна новинарските прашања.Лидерот на СДСМ сакаше да говори само за настанот за кој беше дојден во Гевгелија, но не и да одговори за тоа кој е неговиот став за снимките именувани исто како и братот на судијката Весна Димишкова кого Орце Камчев и Ана Камчева во сведочењето за случајот Рекет го споменуваа како посредник во барање пари.

Во врска со прислушуваните разговори, од владејачката партија испратија само соопштение во кое ја обвинија опозицијата за измислување приказни. И дека ВМРО-ДПМНЕ очајно се обидува да конструира поврзаност на семејството на Заев со случајот Рекет.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски пак смета дека со материјалите се покажало со што се занимавале адвокати инфилтрирани и во судството.

“Изминативе три години изгледа професија во Македонија бил рекетот. Гледаме сега дека и авдокати кои знаеме дека семејно се инфилтрирани во македонското судство се занимавале со изнуди, посредништво. Се чудам кој е тој што денес има во Македонија шест милиони евра во кеш, но ете очигледно лицето кое што се слуша на таа снимка можеби може да каже кој е тој што поседува таква сума кога огромно мнозинство од граѓаните едвај врзува крај со крај”, вели Мицкоски.

На двете аудио снимки се слушаат двајца соговорници. Разговараат за суми од 3 до 9 милиони евра. Димишков се појави како сведок во судот, но неговиот исказ се однесуваше дека Камчеви наводно го барале да им биде дел од адвокатскиот тим. Бојан Јовановски во судот рече дека парите од рекетот во Македонија завршиле кај Зоран и Вице Заев.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста