Мицкоски : Илинденците и сето она за што се бореа е светата кауза поради која и постои ВМРО

Илинденците и сето она за што се бореа е нашата света кауза поради која и постои ВМРО, и ова не се само обични букви, тоа е кодот на Македонецот. Ние како држава и општество мораме да бидеме реални и да кажеме дека скршнуваме од тој пат на илинденците, затоа што карактерот на државата се обликува согласно личните интереси и амбиции на поединци – истакна лидерот на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски на прославата што по повод Илинден традиционално се организира во струшко Ташмаруништа.

„Станавме општество на лажни величини кои се издигнуваат на ранг на морални судии, а кои по својата основа се трули, погрешни примери и кои доколку се компарираат со вредностите на западниот свет кон кој се стремиме се апсолутно маргинални, ќе бидат отфрлени и неконкурентни. Тие самопрогласени морални судии ја глумат совеста на општеството и истураат омраза, создаваат делби, провоцираат, а всушност се маска зад која се крие немоќта на естаблишментот на власт вистински да се справи со проблемите“ – вели Мицкоски.

Тие самопрогласени морални судии и величини се трудат да наметнат погрешна слика за работите но кога ќе гребнете на површината се гледа подлабоко очајот на власта и нивната гола желба за личен конформизам и владеење.
И многумина од тие лажни морални величини ќе речат ВМРО е поразено и готово, јас велам ништо не е готово, а ВМРО е најсилната и најцврстата партија во државата, и сите кои не потценуваат знаат дека најважните битки ги водат најхрабрите и ние ќе продолжиме да се бориме за правда, чесност и принципи. Но, истовремено му се извинувам на народот за сите грешки кои ги направија јаничарите на власта кои долго време беа товар на ВМРО-ДПМНЕ порача Мицкоски.

„Целосно свесен за нивните постапки од минатото, и целосно свесен дека токму овие жестоки по-јаничарени јуришници на власта беа и товар на партијата, сакам јасно и недвосмилено да истакнам дека јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ му се извинувам на народот за сите грешки и неправди кои овие луѓе ги имаат направено. Тие во ВМРО гледаат личен интерес, а јас во ВМРО гледам кауза“ – рече Мицкоски.
.
Во нашата земја мора да има правда, а не криминал и обвинителство кое го легитимира.Македонија заслужува комплетно нова генерација на политичари и смена на транзициските ликови.

Ова е натпревар кој се игра до последната минута, па така е и со формирањето на владата. Огромен број луѓе со неверување гледаат на резултатите од изборите и пропуштената шанса и ова го сметаат за украден резултат. Но нема откажување, борбата продолжува, порача Мицкоски.

Росица Голабоска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста