Мицкоски го обвини Рашковски за провизија од транспортот на македонските граѓани

Мицкоски го обвини генералниот секретар на владата Рашковски за провизија од повисоката цена на транспорт на македонските граѓани кои останаа во други земји за време на корона вирусот. Во комуникацијата која ја објави владата, што за Мицкоски е незаконски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ му порачува на Рашковски дека ќе одговара и дека не се грижат за народот туку единствено за милионите кои ги краделе од граѓаните.

Драги Рашкоски: Јас за разлика од тебе се грижам за народот. И немој со мене да се расправаш.

Христијан Мицкоски: Ти се грижиш за народот, вие се грижите само за милионите што ги крадете

Драги Рашковски: Имам дозвола оваа комуникација да ја објавам?

Христијан Мицкоски: Лопови

Драги Рашковски: Што имаш ти против носењето на нашите деца дома?

Христијан Мицкоски: Тоа што на маката на нашите деца крадете

Драги Рашковски: Абе Христијан. Ем не те информирале ем се правиш математичар. А ова е проста математика. Дај да ти објаснам. Летот е x пари во него има y патници. Цената на летот се добива кога x се дели со y. Летот се плаќа од буџет. Парите ги враќаат патниците во буџет. Нема тука крадење нема тука лоповлук.

Христијан Мицкоски: А ти добиваш провизија за повисоката цена

Во владиното соопштение се вели дека лидерот на опозицијата врши притисок врз институциите при што организираните активности за враќање на македонските граѓани во нашата земја и за нивно сместување во државни карантини ги нарекува ‘уништување на државата

“Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ синоќа со директни пораки преку апликацијата Телеграм упати неосновани обвинувања и притисоци врз генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, квалификувајќи ги владините активности како „срамота”, а луѓето кои ги организираат активностите како „лопови” и во исто време клеветејќи за „добивање провизии“ за организацијата на авионскиот и автобускиот превоз”, велат од владата.

Од владата објаснуваат дека летовите од земјите од кои доаѓаат македонските граѓани ги реализира Визер, компанија избрана по критериумот најниска цена. Секој граѓанин самостојно го плаќа авионскиот лет, при што вкупната цена на чартер летот која изнесува околу 32.000 евра се дели со бројот на патници сместени во авионот. Потоа граѓаните со автобуски превозници се превезуваат до карантинот.

Реагираше и Мицкоски. Вели дека е дборо тоа што преписката со Рашковски е објавена. Доказите кои ги имал ќе ги доставел откако судството и обвинителството ќе се ослободат од стегите на Заев

“Во оваа прилика ќе кажам дека за тоа што Драги Рашковски незаконски објавил приватна преписка и што како човек од Владата не го почитува законот, не треба да стравува затоа што нема да го тужам, но за тоа дека за Владата има основани сомневања дека прави криминал со транспортот на луѓе, има нехуман третман и печали од летовите, е за тоа треба да се плашат, затоа што ќе дојде ден да одговараат за таквото воено профитерство” напиша Мицкоски на Фејсбук.

Владата вчера организираше транспорт на македонски граѓани од Словенија и Германија.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста