Мицкоски до граѓаните: “Со целата моја енергија, срце и волја ќе се вложам и нема да ве разочарам”

Во пресрет на парламентарните избори кои ќе се одржат на 15 јули, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, со писмо до граѓаните ги повика да гласаат за коалицијата “Обнова за Македонија”, истакнувајќи дека гласот на граѓаните ќе ги промени работите, а со негласање, им даваат право на оние кои ги разочарале, да продолжат да го прават истото.

“Нема идеална влада. Јас не ви ветувам чуда, но ви давам збор дека ќе работиме макотрпно и дека сигурно ќе бидеме подобри од оние што сте ги гледале досега. Зашто ниеден успех не дошол без труд и многу пот, многу откажувања и упорност. И не е коцкање ако изберете некој непознат кој ветува успех, но е прокоцкување на сопствената иднина кога му давате втора шанса на некој кој продолжува да губи и да ве разочарува” – напиша Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО – ДПМНЕ

Мицкоски ветува подобрувања уште во првите сто дена од новата Влада и на граѓаните им истакна неколку силни причини зошто треба да гласаат за коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

“Се обврзувам пред работниците да добијат поголеми плати, пред невработените да им обезбедиме работа која ќе им овозможи пристоен живот и извесност. Пред пензионерите се обврзувам да добијат повисоки пензии и помалку грижи во миговите од животот кога мирот им е најпотребен. Пред земјоделците да имаат платен труд, конечно да бидат свои на своето, а пред стопанствениците се обврзувам да обезбедиме пониски трошоци за правење бизнис, помалку даноци за државата, а повеќе пари за работниците. На младите им велам доаѓаат подобри времиња. Се обврзувам да обезбедиме општество ослободено од политички притисоци, кое ќе се темели на европските вредности и правда. Македонија е Европа, а заедно ќе ја направиме и членка на ЕУ” – напиша Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ им вети на граѓаните дека ќе се бори за правда и одговорност. Да не се замижува пред криминалот, а криминалците нема да поминат неказнето. “Се обврзувам дека со целата моја енергија, срце и волја ќе се вложам и нема да ве разочарам” им порача Мицкоски.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста