Мицкоски: буџетската криза е уште пред коронавирусот, власта трошела за изборен поткуп

Владата нема стратегија, ниту план како да им помогне на граѓаните и стопанството, а да го задржи стабилен буџетот – обвини лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. Тој предложи сет мерки како Владата да дојде до 1,2 милијарди евра, а притоа да не се скратат платите и да не се удри врз бизнисот и работниците.

Тврди дека парите од најавеното задолжување од 600 милиони евра ќе бидат достапни најрано во мај, па дотогаш наместо НБРМ да издава благајнички записи, требало парите од банките да влезат во државната каса, преку издавање на државни хартии од вредност со рочност од 1 месец. За стабилна и навремена исплата на пензиите, Мицкоски предложува од април средствата кои треба да се уплатат во вториот пензиски фонд да се пренаменат и да се уплаќаат во државниот пензиски фонд. Им порача на министрите да не креваат паника и да не соопштуваат дека немало пари за администрацијата.

На обвинувањата на лидерот на СДСМ Заев дека ВМРО-ДПМНЕ предлага помош за фирмите за секој работник од 12.400 денари, а не минималец од 14.500 денари, Мицкоски вели дека тоа не е точно. Објаснува дека поддршката би била многу поголема.

Економијата и се лизга од раце на власта – обвинува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Тој вели дека потребата за задолжување од дополнителни 1,2 милијарди евра не била случајна. Податоците покажувале дека власта недомаќински трошела подготвувајќи се за избори, па државата била во сериозна финансиска криза дури и пред стартот на кризата со коронавирусот. Мицкоски тврди дека се трошело премногу без покритие. Затоа за два месеци бил направен буџетски дефицит од 70 милиони евра.

Мицкоски денеска рече дека е подготвен да ги презентира мерките пред Владата, да ги споредат со нивните предлози и да креираат решенија за помош на граѓаните и стопанството.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста