Мицкоски:100 илјади денари плата за универзитетските професори, намалување на ДДВ на 5% во културата

Платите на универзитетските професори да достигнат 100 илјади денари – ова го предвидуваат мерките што ВМРО-ДПМНЕ планира да ги реализира во делот на образованието. Претседателот на партијата Мицкоски, наведе дека примањата на вонредните професори би ја достигнале сумата од 80 илјади денари, на доцентите 60 илјади денари, а на асистентите на факултетите 45 илјади денари.

Професорите и наставниците, пак, во средните и основните училишта би требало да добијат плати до 37.600 денари. Зголемениот буџет за плати треба да го спречи иселувањето на образовниот кадар од земјава.

„Ова значи 2.5 пати повеќе од тоа што денеска го обезбедува државата. Токму со оваа мерка ќе се стимулира квалитетот и мотивацијата на универзитетскиот наставен кадар. Да не ни се случува асистенти и доценти од универзитетите да напуштаат наставно образовен процес и да бараат подобра иднина поради тоа што примањата се 20-25.000 или нешто помалку од тоа“ – рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски најави и забрзани инвестиции во образовниот сектор. Планира изградба на 20 нови и реконструкција на најмалку 50 постојни училишта. Поголемиот капацитет и подобрите услови треба да го зголемат квалитетот на образовниот процес во земјава. Вложувања ќе има и во културата. Партијата предвидува изградба на нови театри во Скопје, Охрид и Прилеп. Треба да се реконструира и Музејот на Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ планира да го намали ДДВ во секторот култура од 18 на 5%. Овој потег, меѓу другото, треба да придонесе за поевтинување на билетите за културните настани.

„Ова ќе значи повеќе заштеда за граѓаните и повеќе достапна култура. Ова ќе се однесува за уметнички дела, за организирање на културни настани – продажба на билети, за изнајмување на простор, за организирање на културни настани во институциите од културата, а ќе придонесе и за стимулација на самоодржливоста на институциите“ – рече Мицкоски.

Во Програмата за обнова на Македонија стојат и мерките за проширување на дуалното образование во средните стручни училишта, односно што поголем број на млади да учат преку работа на реално работно место. Партијата планира да овозможи барем еден македонски универзитет да се најде во првите 1.000 според Шангајската листа за квалитет.

Инаку примањата на културните работници и покрај порастот се уште се меѓу најниските во администрацијата, додека наставниците минатата есен се согласија на привремен компромис кога прифатија пораст на платите од само 10% и покрај тоа што бараа покачување од 25 отсто.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста