Метлата не ја вклучи, ама Заев возеше чистач од фирмата на Анѓушев

Премиерот Зоран Заев како вработен во комунална служба го возеше првото македонско хидрогенско возило за чистење улици, но заборави да ја вклучи метлата на машината. Тој беше гостин во халата на „Брако“ во Велес, и присуствуваше на промоцијата на возилото.

  • Да се знае кој премиер на која земја го возел првото возило“, кажа премиерот Зоран Заев кога се качи во возилото.

Заев имаше заедничка презентација со поранешниот вицепремиер за економски прашања и прв човек на „Брако“, Кочо Анѓушев. Тој ја промовираше првата во Европа еколошка машина за одржување на хигиена во урбани средини која работи на водород. На возилото кое е произведено во земјава, работеле 60-тината инжињери, со просечна старост под 30 години.

  • Иднината на македонската индустрија се производите со поголема додадена вредност. За да се произведуваат такви извозно ориентирани продукти што можат да се продаваат во целиот свет, потребно е компаниите да го поседуваат највисокото ниво на технологија и да имаат агресивен маркетинг. Токму ова веќе 20 години го применуваме во „Брако”, а овие возила се резултат на овој принцип на работа. За таквиот развој се потребни повеќе години посветен ангажман со јасна стратегија и со луѓе кои што знаат како тоа да го изведат. Навистина сум горд што денес можеме да ги промовираме овие возила, пред сѐ, возилото на водороден, хидрогенски, погон кое што е комплетно развиено како најнова технологија што е иднина во светот. Исто така, горди сме што во „Брако” во Велес се произведе машина за чистење и метење улици, со големина и капацитет што се први во светот, истакна Кочо Анѓушев, поранешен вицепремиер и сопственик на „Брако“.

Инаку, станува збор за еколошкото возило за чистење кое испушта само вода, без издувни гасови како другите возила. Сепак, тоа не може да се употребува за чистење на улиците во Македонија, бидејќи кај нас нема хидрогенска инсталација. Инаку, возилата на „Брако“ ја чистеле платформата пред Белата куќа пред инаугурацијата на претседателот Џо Бајден, а се употребуваат и за чистење на кралскиот двор во Англија.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста