Мешовитата комисија за историја пред „историски распад“ – стручната фела тврди: ова води кон пропаст

Скандалот кој ја тресе мешовитата комисија за историја со Бугарија по оставката на професорот Ванчо Ѓорѓиев ја носи во ќорсокак и работата на историчарите. По напуштањето и обвинувањата на Ѓорѓиев дека високи функционери од МНР вршат политички притисок во носењето на одлуките кои биле спротивни на македонската резолуција, се огласи и стручната фела. Професорот Тодор Чепреганов кој е и потписник на последната реакција на интелектуалците остро реагира дека опстанокот на Комисијата води само кон пропаст, дециден е дека уште од самото формирање Комисијата е аномалија во системот. Одлуката на Ѓорѓиев вели е нормална реакција , на човек кој гледа дека свесно се распродава македонската историја.

-Од самиот старт на формирањето на комисијата, самата комисија беше аномалија затоа што се формирани комисии кои треба да одлучуваат за историски работи. Самиот факт што тоа потекнува од страна на политичарите во заднина значи дека политикта е таа која што ќе ги води работите околу работата на комисијата. Колку и да сакаат некои членови на комисијата да кажат дека политиката нема никакво влијание врз нив, сепак според она што ги донесуваат одредени работи како заеднички со Бугарија покажуваат дека едноставно во позадината стои политиката, потенцира професорот Чепреганов.

Историчарот Митко Панов во изјава за Алфа вели комисијата никогаш немаше транспарентност, но дополнително се зафати со работа која подразбира ревидирање на македонската историја.

-Тие воопшто и немаат мандат согласно Договорот за добрососедство со Бугарија да прават било што од она што сега го прават. Всушност, секој може да го прочита договорот и ќе биде јасно дека нема таков мандат, нема таков член каде што се наведува дека Комисијата всушност е таа која што треба да ги селектира личностите од историјата на Македонија кои треба да бидат предмет на преговори и на крај да се прифати заедничката историја како дел од нивната дејност и така да се прославуваат и изучуваат. Од друга страна Комисијата нема мандат воопшто да разговара за учебниците по историја, јасен е професорот Панов.

Македонските историчари членови на комисијата молчат за исходот од последниот состанок со бугарските колеги, ама експресно ги демантираат обвинувањата на професорот Ванчо Ѓорѓиев. Се обидовме да стапиме во контакт со првиот човек на македонската Комисија Драги Ѓеоргиев за да добиеме одговор дали и кој историчар ќе го пополни испразнетото место, но тој не одговори на нашите повици. Останавме покуси и за одговор дали последните обвинувања навестуваат отстапки на штета на македонската историја, но и дали работењето на комисијата не е најдобро да се замрзне за догледно време, со оглед на позициите на Бугарија.

Оставката на професорот Ванчо Ѓорѓиев е трета по ред во Комисијата. Експертите кои говорат за Алфа велат дека доведена е во прашање и компетентноста на личностите кои носат одлуки за овој период од историјата, бидејќи моментално во составот има двајца историчари кои се специјалисти за периодот на османлиската империја а треба да решаваат прашања за настани за народно-ослободителната борба во Македонија.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста