Мешање на Извршната во работата на Судската власт – подривање на темелите на демократијата

Тоа што Заев го вети, Ковачевски мораше го исполни за да има доволно пратеници да му биде изгласана владата. Повторното отворање или таканаречениот „мониторинг„ на судските случаи „Монструм“, „Алфа“, „Диво Насеље“, „Малиот Алмир“ се дел од новата владина програма, што преставува невиден преседан и директен упад на извршната власт во судството, ако се има в предвид дека овие случаи се веќе правосилни.

„Директен упад на извршната власт во судството, туку и го поткопува и интегритетот и суверенитетот на државата, ја деградира, ја доведува до степен на протекторат, признава дека ние како држава не сме способни сами да истуркаме процеси, па ни е потребен меѓународен мониторинг на истрага, и е чуден за суверени држави“ – вели адвокатот Јанаки Митровски.


Како што е познато, владеачката ДУИ веќе подолго време инсистира на ваков мониторниг, но Алтернатива е таа што го доби кога го уцени Заев со гласовите на нивните 4 пратеници. Митровски прашува зошто албанските политички фактори никогаш не побарале меѓународна истрага за трагедијата во модуларната во Тетово, за расчистување на случајот со автобуската несреќа во Бугарија, но бараат само кога треба да се купуваат евтини националистички гласови.

И за професорката по уставно право, Тања Каракамишева е недозволиво извршната власт да се вмешува во работата на судската власт и во судските предмети кои се веќе правосилни, извршни и за кои е во тек издржување на соодветна законска казна. Каде е тогаш поделбата на трите столба на власта?

“Овој предлог на владата значи дека владата нема доверба во македонското правосудство со кое таа соработува пет години, не верува во своите спроведени реформи и не верува во уставно загарантираните начела на судска самостојност и независност. Интересно е што владата не предлага целосен мониторинг, туку парцијален мониторинг на само за неа важни судски случаи од кои таа може да има одредени политички интереси“ – вели професорката Тања Каракамишева.

Дека извршната власт и политичките партии не смеат да се мешаат во судската власт во декември минатата година реагираше и Блупринт-групата за реформи на правосудството при хелсиншкиот комитет за човекови права. „Изразуваме загриженост за изјавата дадена од претседателот на Владата Зоран Заев дека ќе испратат официјално барање до Европската комисија за истрага на неколку правосилно завршени судски процеси, како „Монструм“, „Диво Насеље“, „Алмир Алиу“ – стои во реакцијата.

Експертите подолго време алармираат дека досегашниот премиер покажал оти не постои независно судство. Еден од тие кои гласно говорат е и универзитетскиот професор Гордан Калајџиев, кој смета дека ниту една држава во Европа не побарала од Комисијата независни експерти да испитуваат кои судски случаи се монтирани.
Во владината програма се најде и легализација на марихуаната, поседување и тргување со криптовалути, намалување на јавната администрација за 20%.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста