Мерлин зеде 100.000 евра, Шилегов не ги откри спонзорите, балканските ѕвезди со вртоглави хонорари

Дали е Скопје меѓу најбогатите метрополи на Балканот, па може да си дозволи и најскапа прослава за Нова Година? Јавноста веќе неколку недели си го поставува ова прашање, но нема одговор кои се спонзорите што дале пари за новогодишниот настап на Дино Мерлин на градскиот плоштад во Скопје.

Алфа денеска го контактираше кабинетот на Шилегов и се обиде да дознае кои се компаниите што спонзорирале, но добивме известување дека подетални информации ќе добиеме најверојатно по божиќните празници. Единствено што се знае е дека балканската ѕвезда за концерт од неколку часа заработи 100.000 евра. Медиумите од регионот пренесуваат дека токму настапот на Дино Мерлин во Скопје, заедно со оној на Здравко Чолиќ во Будва биле убедливо најплатени на Балканот. И покрај инсистирањето на новинарите, градоначалникот на Скопје, не кажа кои компании го спонзорирале настапот на Дино Мерлин и дали цехот навистина беше неопходен, ако се знае дека граѓаните самите собираат пари за разни операции на деца во странство и дека оваа сума можеше да биде потрошена за хуманитарни цели. Шилегов инсистираше на тоа дека во буџетот имало пари за се.

Вообичаено најплатените концерти за дочек на Нова Година се во Белград, но годинава Скопје и Будва се на врвот.

Цеца настапила во хотелот Мајдан во Белград за сума од 80.000 евра.

Фолк ѕвездата Лепа Брена, за настапот пред републичкото собрание во Белград земала само половина од сумата искеширана за Дино Мерлин, или 45 илјади евра. Пред неа, настапија Кики и ,,Пилоти” за сума од 20.000 евра, додека пејачката Маја Беровиќ заработила дури 60.000 евра.

Марија Шерифовиќ за неколку часа настап во „Белекспо центарот“ заработила 45.000, додека 35.000 евра изнесува сумата за која Александра Пријовиќ пеела во Краун плаза хотелот во Белград.

Аца Лукас пеел на Златибор за 50.000 евра.

Фолк пејачот Дарко Лазиќ пеел за сума од 30 илјади евра. Помали хонорари имале Дара Бубамара и Слаџа Алегро од 20 илјади евра.

Жељко Јоксимовиќ за неколку часа во Сараево заработил 75 илјади евра.

Единствено Јелена Карлеуша најавила дека новогодишниот хонорар од 50 илјади евра ќе го донира за лекување на болно девојче од Ниш.

Северина пеела во Пореч за 62 илјади евра, додека Јелена Розга за настапот во Сплит заработила 20 илјади евра.

Градот Загреб платил 95 илјади евра за новогодишниот настап на „Прљаво Казалиште“ и „Нови фосили“.

Висока сума искеширал и хрватскиот град Умаг за пејачката Маја Шупут – 35 илјади евра.

Нина Бадриќ и бендот Дубиоза колектив го чинеле градот Ријека 54 илјади евра.

67 илјади евра одвоил Дубровник за Парни Валјак и придружните бендови за Нова Година.

Од договорените суми на граѓаните им се врти в глава, особено ако се знае дека за неколку часа пејачите заработуваат цели станови, додека работниците и во Новата година се надеваат на плати повисоки од 400 евра.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста