Мерките за граѓаните и компаниите заглавени во собраниските лавиринти

Граѓаните и компаниите револтирани,петтиот пакет мерки и натаму заглавен во собраниските лавиринти.Илјадници луѓе кои со месеци немаат плати, не можат да ги добијат парите поради партиските надмудрувања во парламентот. Опозицијата ја лоцира одговорноста во спикерот Џафери. Велат дека мерките треба да бидат изгласани веднаш и дека се на располагање во секој момент кога претседателот на собранието ќе ја закаже седницата.

“Синоќа не слушнавме ниту еден разумен аргумент,зошто не се отвори седницата со петтиот пакет мерки. Услови за седница има и време е конечно да се закаже и одржи. Време е Собранието да покаже одговорност. Пратениците да си ја заслужат платата”, изјави Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ.

Сличен став имаат и од Алијанса за Албанците. На Џафери му забележуваат и за тајмингот кога ги известува дека парламентот ќе заседава.

“Не знам што се случува со претседателот на Собранието. И никој нема одговор околу неговото однесување. да свикуваш седница во 18:12, да немаш предвид дека сепак е Рамазан и има пратеници кои постат, а во 19:20 е Ифтар и тие пратеници цел ден ниту вода ниту храна немаат внесено”, изјави претседателот на Алијанса за Албанците Зијадин Села.

Премиерот пак вели дека не се точни информациите дека во буџетот нема пари и затоа се одолговлекува изгласувањето. Сепак за тоа зошто не се закажува седница прстот го впери во собранието.

“Таман работа пари имаме знаете дека државата зема 700 милиони евра обврзница со каматна стапка од 1,625 проценти. За деталите во парламентот ќе прашате навистина претседателот на собранието, замениците, координаторите на пратеничките групи”, изјави Заев.

Од кабинетот на Џафери нема одговор. Ниту за седница, ниту за карантинот за законодавниот дом кој вчера го најави. Синоќа пак држеше монолози, неколку пати реагираше нервозно поради тоа што не можеше да обезбеди кворум за работа.

“Што мислите слама јадам јас овде? Сто саати ќе зборам. Три месеци ме држите овде. Цел ден ми тупите овде со медиумите. Цел ден ми тупите овде со медиумите Талат, Талат, Талат, еве ви го Талат овде”, се обрати Џафери.

Вчеравечер парламентарното мнозинство немаше доволен број пратеници бидејќи дел од нив се заразени со корона. Џафери пак расправата за петтиот пакет мерки ја услови со изгласување на точките од седницата која беше претходно закажана. Ги обвини ВМРО-ДПМНЕ дека свесно прават опструкции за овие точки да не поминат.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста