Mерки против пандемија: Mакедонија ќе пее потивко, а ќе ги отвора границите без PCR тест

Власта и инспекторите го преспаа цело лето, па сега откако бројката на заразени расте, решија да воведат нови рестриктивни мерки, а истовремено да ги отворат границите со Косово, Албанија, Србија и Црна Гора без ПЦР тестови. Скопското кафуле „Мош“ кое беше иницијална каписла за последната рестриктивна одлука за кафулињата и рестораните оти  ги прекрши сите протоколи, и натаму работи.

Не беше затворено бидејќи инспекторката што требала тоа да го направи била во изолација. Апсурдно објаснување кое го наметнува прашањето дали само еден инспектор казнува кога треба? 

  • Инспекторот кој ќе го почне предметот треба и да го заврши, мора неговиот потпис да е клучен. Нејзини колеги биле кај неа дома, по документите, и се очекува во среда да се затвори, изјави Стојко Пауновски, директор на Државен пазарен инспекторат.

Инспекторите се кренаа сега кога сезоната на свадби заврши. Само викендов, на големо се организираа ноќните забави низ земјава на кои видливо се кршат протоколите за заштита од пандемијата. Здравствените власти не гледаат во себе вина за чудните рестрикции во исто време кога граници со соседите се отвораат. На директното прашање на Алфа од Комисијата за здравство со позната флоскула: Одлуката била донесена врз основа на анализи на епидемиолозите.

Институтот за јавно здравје пак прстот го впери во инспекторите, требале повеќе угостители да казнуваат.

Според првиот човек на Центарот за јавно здравје – Скопје, укинувањето на задолжителните ПЦР-тестови на границите што го предлага Комисијата за заразни болести, не е ризик за трансмисија на вирусот сѐ додека граѓаните ги почитуваат мерките за заштита
Коментирајќи ги критиките во јавноста дека нелогично е од една страна да се воведуваат рестрикции во угостителството, а истовремено да се предлага укинување на задолжителните ПЦР-тестови на граничните премини, директорот на Центарот за јавно здравје во Скопје, Александар Стојанов, вели дека целта на новите мерки е да се забранат групирања на граѓани.

Дали границите се отворени или не, според Стојанов, нема голема улога сѐ додека граѓаните ги почитуваат мерките за заштита.

Границите со Србија, Црна Гора, Косово и Албанија без ПЦР-тест, предлага Комисијата за заразни болести

  • Зборуваме за групирање. Ако се отворат границите, нема групирање. Ситуацијата во Косово, Албанија, Црна Гора, Бугарија, Србија е иста. Значи иста ситуација имате на овој дел од Балканот, да не речам во светот. Шенген-зоната, Западна Европа нигде немаат граници, а имаат дури и полоши мерки. Ама ако пуштите навивачи од Косово да дојдат на натпревар, тогаш имате групирање. Значи, проблем е групирањето, а не границите. Ако ги зачувате мерките за претпазливост сегде, сегде ќе биде исто. Вие исто имате шанса да добиете ковид-19 во Приштина, во Ниш или во Прилеп. Значи, мерките за заштита се најбитни во моментов, а не границите. Групирањето е ризикот. А тоа го имаме и во Дебар Маало и на стадион и сегде, без разлика дали се отворени и затворени границите, вели Стојанов.

И натаму нема одговор ќе сноси ли некој одговорност, што ковид-хаосот во земјава нема контрола?

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста