Меркел од Загреб – Балканските земји го имаат своето место во ЕУ

Ангела Меркел во Загреб истакна дека Германија е подготвена за разговор за тоа што би можело да се промени во методологијата на преговорите во процесот за проширување на ЕУ.

На прашањето што ќе се случува понатаму во процесот на приклучување на Албанија и Македонија во Европската унија, Меркел истакана дека „не може да се случи да нема ЕУ перспектива за тие земји“.

„Тоа не би било добро“, изјави Меркел, која во текот на заедничката прес-конференција со хрватскиот премеир Андреј Пленковиќ изрази и жалење што преговорите со Албанија и Македонија не се отворени во текот на минатиот состанок на Советот на ЕУ.

Хрватскиот премиер истакна дека Хрватска ќе даде се од себе да продолжи процесот за Македонија и Албанија.

„Што се однесува до  Македонија и Албанија, ние ќе дадеме се од себе за нивниот процес на приближување кон ЕУ да продолжи понатаму“, истакна Пленковиќ.

Пленковиќ додаде дека за Хрватска е важно да се пронајде решение за отворање на пристапните преговори со Албанија и Македонија и изрази жалење што досега не се отворени.

Кога станува збор за францускиот предлог за методологијата за прием на новите членки во ЕУ, Пленковиќ повтори дека самата преговарачка рамка, која во моментов се користи и за Србија и за Црна Гора, има можност за суспензија на секое поглавје и враќање на веќе привремено затворените поглавја, а во тоа е вклучено и реверзибилноста на процесот.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста