Мерката на Филипче неуставна- Спасовски не знае како ќе се контролира бројот на луѓе во домовите

Едно се желбите на Филипче и Комисијата за заразни болести, сосем друго законите и реалноста, неповредливоста на домот мора да се почитува. Бура реакции во јавноста предизвика предлогот кој го соопшти министерот за здравство, бројот на гости да се ограничи на четири лица, па се отворија многу дилеми, како полицијата би го контролирала спроведувањето на оваа мерка.

Адвокатот Јанаки Митровски, за Алфа вели дека според Устав, полицијата смее да влегува во домовите, само доколку има судски налог или основано сомнение за сторено кривично дело, но не е и да проверува колку луѓе има во стан или куќа.

-Меѓутоа, кај нас во Македонија се бива, но јас би сакал да запрашам на кој начин ќе утврдува основано сомнение, затоа што за да се утврди основано сомнение, мора да има минимум докази или индиции во таа насока. И како во еден затворен објект ќе може да има основани сомненија полицијата колку лица има на гости, односно дали се тие повеќе од предложената бројка од четворица. Освен што е неуставна или е можно неуставна и во пракса е неприменлив овој предлог и затоа мислам дека треба сериозно Владата да размисли, изјави Јанаки Митровски.

Дека ваквиот предлог е тешко остварлив свесен е и министерот за внатрешни работи. Откако првично кажа дека ќе се соработувало со Обвинителството, Оливер Спасовски го промени ставот, вели да се почекало, се уште не биле прифатени овие предлози, а неповредливоста на домот морала да се почитува.

-Да не одиме со претпоставки затоа што одлуките не ни се донесени, а мојот одговор дека уставните начела ќе се почитуваат и законот, и тоа начело на неповредливост на станот и домот е начело кое што нема алтернатива и тоа мора да биде почитувано, изјави Спасовски.

И граѓаните зачудени како би се контролирало присуството на гости во домовите.

-Тешко може да се контролира, инаку тоа е тоа. Во ова време не би требало толку да се собираме. Е сега на кој начин ќе го изведат тоа, како тоа комшијата да ги пријави, вели еден од граѓаните пред камерата на Алфа.

-Тоа што треба четворица дома да има, сега министерот за внатрешни работи рече дека немаат овластување да влегуваат во станот, без некој да им најави. Што значи тоа, ако никој не му јави може да има 50 луѓе. Мислам оти се промашени овие мерки, вели еден од граѓаните пред камерата на Алфа.

Митровски е на ставот дека ваквата мерка може да има негативно влијание и враќање во едни стари, не баш најубави времиња.

-За жал живееме ние на Балкан и ваквата мерка доколку се предложи ќе го извади од луѓето она најниското, едно комунистичко минато, кое  што сметам дека сме го надминале, тоа е кодошење на сопствените соседи, изјави Митровски.

На социјалните мрежи со совет да граѓаните и поранешниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски. Тој пишува дека според Уставот, полицијата може да влезе во домовите само со одлука на суд, никако по налог на јавен обвинител.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста