МЕПСО ги искара граѓаните: повеќе трошеле за мобилен и интернет, а им пречеле зголемените сметки за струја

МЕПСО, компанијата која лани оствари добивка од 7 милиони евра и се најде на удар на јавноста поради поскапувањето на струјата, се дрзна да ги искара граѓаните. Не требало да се бунат што поскапела струјата. Некои повеќе пари трошеле за мобилен и интернет, отколку за електрична енергија. Некоректно било да ја споредуваат цената на струјата со просечната плата во земјава. Тоа немало економска логика, а критиката била неконструктивна. Од преносниот оператор со струја велат дека МЕПСО на големо инвестирал, а без нивните вложувања, невозможен бил економскиот развој на земјата.

„Дел од критичарите на цената на електричната енергија, во исто време, за мобилен телефон со интернет забава се подготвени да издвојат и значајни износи, често и далеку повисоки од сметката за струја. Како висока сметка се третира и сметка кога, оваа најскапа енергија, се користи за загревање на цела куќа или голем стан. Прашањето е многу комплексно за да се банализира со неаргументирани напади врз електроенергетските компании и регулаторното тело кое го респектирало барањето“ – пишува во соопштението на МЕПСО.

Токму МЕПСО лани се најде на удар на јавноста за набавка на мебел вреден над 200 илјади евра меѓу кои и фотељи од природна телешка кожа, како и за набавка на скапи авиобилети.

За поранешниот советник во министерството за финансии Бранимир Јовановиќ, неоправдано е два милиони граѓани да ги покриваат зголемените трошоци на три фирми, а кога тие имаат добивки, парите да си ги задржуваат за себе. Според него, нормално било овие компании годинава да имаат загуби, но требале да си заштедат средства од претходните години за полесно да ја пребродат кризата.

Нема никакво оправдување на поскапувањето на струјата –согласни се и граѓаните и експертите. Сиромаштијата е преголема за цените на струјата енормно да се зголемат во услови кога поголем дел од работниците останаа без работа или пак примаат минимална плата. За Јовановиќ, политичка одговорност мора да има. Владејачката СДСМ во страв дека ќе изгуби гласови ја одложила одлуката и немала храброст да ја поскапи струјата пред избори.

За разлика од Македонија, другите земји и покрај загубите ја поевтинуваат струјата за да го ублажат ценовниот шок за граѓаните. Граѓаните кои излегоа на протести побараа Регулаторната комисија да ја повлече одлуката. Синдикатите пак побараа покачување на платите за 7,4%, исто колку што поскапе и струјата.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста