Меѓународен ден на жената – понежниот пол маршираше за расчистување на „Јавна соба“

110 години по идејата на Kлара Цеткин – продолжува борбата за економска, политичка и социјална еднаквост на жените.

Осмомартовски марш денеска низ улиците во Скопје. Женскиот пол маршираше за родова еднаквост, но и за расчистување на случајот со „Јавна соба“.МВР и Обвинтелство да почнат да работат, кривична одговорност за „Јавна соба“, побараа жените на маршот.

„Во името на понижените, малтретираните, застрашуваните, прогонуваните, тепаните, убиените жени и девојки денес ја изрекуваме следнава пресуда: виновни се за соучество во злосторство сите што имаат моќ, одговорност и ресурси да обезбедат достоинство, правда, безбедност и заштита на личната сигурност на жените и девојките, а не го прават тоа. Сите што се овластени да ги откриваат, спречат, гонат и затвораат насилниците, а не го прават тоа. Сите што се овластени должни и платени да обезбедат услуги и поддршка на жртвите да преземат контрола врз сопствените животи, а не го прават тоа“-рече Марија Савовска-активистка.

Сите кои маршираа беа облечени во црно, за изразат гнев и револт. Порачаа дека кривична одговорност треба да има за сите, а не само за тие што објавувале податоци, фотографии и видеа од малолетни девојчиња.

Жените работнички се изложени на работа во специфични услови, но и на незаконско намалување на платите, отпуштања, притисоци и вознемирување на работното место во целата измината година за време на пандемијата, информираат од Сојузот на синдикати на Македонија.

Оттаму упатуваат апел до Владата да ја ратификува Конвенцијата на Меѓународната организација на трудот за спречување насилство и вознемирување на работниците, која ги заштитува работниците и другите лица во светот на работата. И министерката за труд и социјална политика Шахпаска порачува борбата за родова еднаквост продолжува и нема да престане​ до исполнување на целта.

Законот за заштита и спречување од  насилство врз жените и семејното насилство е многу значаен за нас како општество. Тој предвидува мултидисциплинарен пристап, во кој ќе бидат вклучени и други министерства“ потенцираше Шахпаска.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека не е доволно направено и дека се дозволува дискриминација на жените.

И во 21 век ние говориме и се бориме за женски права и рамноправност во сите сфери во општеството. И ако некој ме праша дали е доволно направено? Секако дека ќе кажам не. И покрај многуте закони во нашата земја, сепак во изминатиов период бевме сведоци на низа дискриминации на жените -вели Жаклина Пешевска – Претседателка на УЖна ВМРО-ДПМНЕ.

Сите податоци покажуваат дека во време на пандемијата има зголемување на семејното насилство за 45%, од кои што најголем број жртви се токму жените.

Инаку во Македонија бројот на жени со завршено високо образование е поголем од високообразвани мажи. Според податоци од Државниот завод за статистика во изминатите 20-тина години, 59 проценти од вкупниот број високообразовани луѓе во Македонија сежени.Секоја година, Меѓународниот ден на жената служи како потсетник дека жените честопати се помалку ценети за својата работа.Она што не се променило во последните години е и фактот дека работата по дома се уште и припаѓа  на жената. Дури 37 проценти од домашните активности како подготвување на храна ги вршат жените, додека кај мажите тој процент е 12.

Викторија Миткова

Advertisements