Медиумски синдикати: Да не се отпуштаат работници, уште помалку новинари

Да се стави крај на отпуштањето на работници, а уште помалку тоа да бидат новинари, алармираат од Здружението и од Синдикатот на новинарите на Македонија по отпуштањето на новинари од работа.

Остро ја осудуваат одлуката на „Нет Медија Груп Дооел“ кој што ги поседува интернет порталите „Локално“ и „Стандард“ да отпушти најмалку петмина новинари, дел вработени на определено, а на дел да им ги прекине хонорарните договори, во време кога треба да се наградат, но не и да се избркаат.

– Без вистинско информирање, а посебно сега во овие услови на криза, работите во новинарството, но и во општеството, можат да стант и уште полоши од сегашните. Новинарите, како што гледаме сите, исто така се вклучени како и сите останати во секојдневието во справување со кризата, и тоа како што се војската, полицијата, здравствените работници, и секогаш се тука, секогаш се на терен, па дури и за време на полицискиот час, вели за Алфа претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски.

Од Синдикатите велат дека примерот со бркање од работа ужасно влијае врз генералната слика и укажува на тоа дека први на удар во однос на економската криза се медиумите и новинарите. Воедно, тие стравуваат дека овој случај може негативно да охрабри и други медиуми да се одлучат на ваков чекор, пракса што никако не смее да применува.

Од синдикатот на ТВ Алфа велат дека примерот со бркање од работа ужасно влијае врз генералната слика и укажува на тоа дека први на удар во однос на економската криза се медиумите и новинарите.

– Условите во кои работат медиумите се ужасно тешки. Синдикатот на новинарите е пртов отпуштањето на новинари и тоа го осудуваме и никогаш нема да го поддржиме. Синдикатот на Алфа иако работи во редуциран состав, сепак работите се одвиваат како да е фул. До сега нема никакви најави дека ќе има отпуштања, и намалување на платите во ТВ Алфа, кои редовно ги земаме, зашто ние постојано сме во контакт со менаџментот на телевизијата. Упатуваме апел до Владата да излезе со пакет мерки за медиумите, со цел за да ја олесни работата, зашто вака е тешко да се функционира. Но, без владина помош не знаеме уште колку ќе се издржи. Да повторам уште еднаш, отпуштањето на работници, на новинари, никогаш нема да го поддржиме, вели синдикалниот претставник од ТВ Алфа, Сашо Михајловски.

Со оглед на значајната улога на медиумите во услови на вонредна состојба, ваквата постапка зачудува поради фактот што Владата најавија сет на мерки за медиумите кои меѓу другото се условени и со неотпуштање на новинари и медиумски работници додека траат вонредните мерки. Зошто на ваков чекор се одлучија дел од нив, за сега останува непознато.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста