Медиумите биле лоши, граѓаните биле лоши, само судиите чесни- Џолев контра меѓународните институции

Медиумите не чинат, граѓаните нуделе мито , само судиите се чесни кога е во прашање корупцијата во правосудството. Ова можеме да го заклучиме ако ги слушаме зборовите на првиот човек на скопскиот Кривичен суд, Иван Џолев.

Во еден вид исповед на јавна дебата во организација на Антикорупциска, тој вели дека граѓани нему лично му нуделе мито за да се завршела некоја работа. А спомена и дека медиумите биле виновни за лошата перцепција дека судството било корумпирано.

-Не можете само да протежирате дека функционерите се корумпирани, а граѓаните не се корумпирани. Па видете, јас ќе ви кажам, на мене ми пристапуваат голем број на луѓе, граѓани кои што самите викаат еј дај за оваа работа вака така, ајде викам ве молам, ве молам. Но, така размислува нашиот граѓанин дека тој за нешто треба да даде, ај да бидам благ бакшиш, изјави Џолев.

Очигледно првиот човек на Кривичен треба да се обрати и до меѓународните институции задолжени за оценување на условите во правосудството. Бидејќи покрај за Џолев проблематичните медиуми, корупцијата меѓу судиите е проблем и за Стејт Департментот.

-Многу бизниси кои работат во Македонија, вклучително и некои американски бизниси, ја идентификуваа корупцијата како проблем во владините тендери и во судството. Ниту една локална фирма или непрофитна група не обезбедува услуги за проверка на потенцијални локални партнери за инвестиции, порачаа од Стејт Департмент.

Покрај Стејт департментот, корупцијата во правосудството е потенцирана како рак рана и во извештаите на Греко, Европската комисија и сите други угледни меѓународни институции. Она што е плус проблем е што граѓаните најмала доверба имаат токму во правосудството, што покажуваат анкетите. А за овој проблем говореше и претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска.

-81 процент од граѓаните на Македонија сметаат дека судството е најкорумпирано, ако е за утеха овој процент е малку помал од претходната година, меѓутоа сепак е многу висок, изјави Ивановска.

Состојбата во правосудството може да биде сериозна пречка за Македонија на патот кон Европската унија, ако се знае дека тоа е една од клучните точки за напредок во евроинтеграциите.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста