Медицински перонал од прилепската болница, ангажиран во Ковид-одделите, повеќе од осум месеци работи без договори и без никаков надоместок

         Шест медицински сестри и две болничарки, кои пред речиси девет месеци биле ангажирани во Ковид-одделите во прилепската Болница, денеска излегоа на мирен протест бидејќи, како што велат, иако не биле волонтери, тие, до овој момент, работат без никакви договори и што е уште поважно, без никаков надоместок. Бараат одговор и од менаџментот на Болницата, но од минситерот Филипче.

    „Повеќе од осум месеци слушаме само лажни ветувања, а никој немаслух за нашиот проблем. Секојдневно изложени на ризикот од зараза од вирусот, без здравстевно осигурување и каде што во моментов баш една од нас е позитивна. Сестрите пуштени на транспорт, што е кривично дело, без никој да се запраша дека нашата лиценца за работа може да биде одземена. Сакаме да се обратиме до министерот Венко Филипче..Ве замолуваме да ни одговорите за нашата деградација – зошто има поделба, на дел од персоналот дадовте договори, а на дел не“, – вели Симона Петреска, медицинска сестра без договор.

     Загрижени за своето здравје, но и за нерешениот статус,тие го потсетуваат министерот Филипче и на трагедијата во Модуларната болница во Тетово.

   „Зарем не се запрашавте, доколку истото се случеше и со прилепската Модуларна болница, како со тетовската, кој ќе одговараше за нашите животи и како ќе бевме пријавени, дали како хоспитализирани пациенти, и не сме повикани како волонтери – доброволци, туку повикани за работа“, – прашува Петреска.

    Директорката на Болницата, Кети Смилеска, која одби да даде изјава во камера, се правда дека заради спојувањето на Болницата и на Здравствениот дом во една установа, за да се реши сатусот на овие луѓе, се чекало одобрување за новата систематизација од надлежните министерства.

    Инаку, вкупниот број на ангажирани медицински лица за помош во Ковид-одделите при прилепската болница изнесува 16. На десетина од нив, во изминатиов период им биле дадени решенија, што уште повеќе го зголемува револтот на медицинските лица чиј статус се уште не е решен.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста