Меџити со ултиматум до Ахмети: Или Груби и Бујар надвор, или правиме независни листи

Тргни ги Османи и Груби, или партијата ќе доживее фијаско на локалните избори – само ден откако Ахмети ја ребрендираше партијата во „Зелена„ се соочи со остар ултиматум од својот моќен сопартиец Изет Меџити.

Порталот „Алмакос„ објавува дека Меџити му пишал на Ахмети или да ги тргне од функциите шефот на дипломатијата Османи и вицепремиерот Груби, или ќе ги изгуби изборите во Сарај, Чаир Кичево и Тетово.

Меџити наводно му дал рок на Ахмети тоа да го стори до  15 јуни. Доколку до овој датум, првиот човек на ДУИ не ги исполни барањата на неговиот заменик,  градоначалниците во овие општини на локалните избори ќе настапат како независни кандидати.

„Токму како што вашиот внук Фатмир Лимани ќе се кандидира како независен кандидат за градоначалник на Кичево, така и Висар Ганиу ќе биде независен кандидат за градоначалник на Чаир, но и во општина Сарај, Блерим Беџети ќе настапи како независен кандидат  – пишува „Алмакос“.

„Алмакос„ се повикува на внатрепартиски извори, но објавува и дека не добил официјална потврда од ниту една од засегнатите страни.

Доколку се оствари заканата на Меџити, односно неговата фракција настапи одделно од партијата, во Чаир, Сарај, Кичево и Тетово тоа би нанело сериозна штета на владејачката ДУИ, ако се има предвид дека овие општини се едно од партиските главни упоришта.

Судирот меѓу Груби и Османи од една страна и Меџити од друга тлее веќе подолго време. Како што е познато, дури и дел од блокадите на Собранието во изминатите месеци беа резултат на оваа кавга, затоа што Меџити и уште најмалку еден пратеник не доаѓаа да обезбедат кворум на владејачкото мнозинство. Уште тогаш Меџити јавно се конфронтираше со раководтсвото на партијата, а како причина ги наведуваше изборот на Груби и Османи во Владата.

Ваквиот сериозен внатрепартиски раскол доаѓа само ден откако Ахмети најави дека ДУИ станува зелена партија.

Адријана Алексиеска

Advertisements