Меџити: Да бев Заев ќе ги прифатев оставките; Мицкоски: МЗ барало монтажните болници да бидат составени од пур панели кој се најслабо огноотпорни

Да бил на местото на премиерот Заев, Изет Меџити,ќе ги прифател оставките на министерот Филипче и заменикот Хасани што следеа по трагедијата во Тетово.

„Мислам дека нема дилема, тие поднесоа оставки и треба да се прифатат, мислам дека тоа е морален чин. Во развиените демократски градови, поради позицијата што ја вршите и да немате одговорност директно, кога ќе се случи несреќа, министерот за транспорт или други министри поднесуваат оставка од морални причини и тука јас воопшто немам дилема“, изјави Меџити.

И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски инсистира на оставките за да има објективна истрага. Тој објави нови документи со кои вината ја лоцира во набавката направена од Министерството за здравство, а потпишани од министерот Венко Филипче. Со набавката пишува Мицкоски, министерството барало монтажните болници да бидат составени од ѕидни и кровни ПУР панели кој се најслабо огноотпорни.  Mинистерството никаде не бара да бидат  доставени атест од произведувачот на било кој материјал кој што е вграден во модуларните болници, тврди лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Овие објекти спрема правилникот за заштита пожари и експлозии спаѓаат во група на објекти од категорија “Г” и за нив важи дека истите објекти мора да имаат огноотпорност од минимум 2 часа. Во реалноста, болницата во Тетово изгоре за 2 минути.

Оттука, зошто во набавката се барале леснозапаливи PUR панели? Зошто не се барало атест за квалитет, зошто немало противпожарна заштита, и зошто она што требало во најлош случај да издржи 2 часа, изгоре за 2 минути?-стои во статусот на Мицкоски.

Дополнително, пишува Мицкоски никаде нема дека задолжително во објектите треба да има и планови за евакуација. 

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста