Матичните лекари и денеска мирно протестираа, размислуваат и за порадикални чекори

Матичните доктори и докторите- специјалисти од секундарното здравство повторно на протест. Потегот се случува  две недели откако  од здравствените власти беше објавено дека паднал договор, но до сега докторите не се повикани за да ги формираат договорените работни групи кои требаше да работат на проблематиката.

Матичните лекари денеска не примаа пациенти закажани преку „Мој термин“ , туку само итни случаи. Велат, револтот го изразуваат со години и нивните барања мора да бидат слушнати.

Се надевам дека ќе се реализираат нашите барања кои ги поставуваат со години . Тоа се покачување на капациониот бод кој е минимален, потоа пациентите да бидат на ниво на ПЗУ, а не на матичен лекар, основен пакет на услуги со кој матичниот лекар ќе има можност да го реализира тој пакет и да добие бенефит од тоа и казнената политика од фондот да биде минимизирана, вели Д-р Габриела Милан Давиткова Чобанов- Д-р. Спец по семејна медицина.

Протестот е за да се изврши притисок за да седнат здравствените власти на маса. Едно од клучните барања е пациентите да бидат на ниво на ПЗУ , со цел пациентите да не останат без матичен лекар, а докторите и сестрите да не останат без работа.

И покрај што мислеа да продолжат еве во Велес веќе три амбуланти ќе се затвораат, во Прилеп веќе излегуваат надвор од здравствените домови бидејќи чекаа измени во законот за здравствена заштита до последен момент да се случи, тоа што беше суштинско и стратешко значење во годините. Ако затворите амбуланта вработените ќе останат на улица. Толку многу министри и толку многу доктори се сменија и да не сфатат дека за народот е важно да има здравствени амбуланти, да има финансиска издржливост ,истакна Д-р Лидија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари .

По денешниот протест Министерството за здравство со став дека работните групи ќе се докомплетираат во наредните две недели. Како што истакна Заменик Министерот Владимир Рендевски, голем дел од барањата биле издржани и ќе се најде решение за лекарите од сите бранши.

Лекарите велат дека ќе дозволат извесен период да бидат формирани работните групи и да започнат преговорите пред да преземат нареден чекор, а голем дел од докторите бараат дури и да има затворање на амбулантите во траење од пет дена со цел да се покаже како ова ќе влијае на здравствениот систем.

Кристина Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста