Масовно иселување – само лани од Македонија заминале над 24 илјади луѓе

И младо и старо, лекари, инженери, монтери, ѕидари, програмери, архитекти, келнери, шанкери, работници. Цели семејства масовно се иселуваат од земјава. Последните статистики од Еуростат покажуваат оти само лани од Македонија се иселиле над 24 000 луѓе, поголемиот дел во Германија. Во оваа бројка не влегуваат оние што заминале во прекуокеанските држави.

Причините за ваквиот трент се многубројни, но клучен е стандардот, велат граѓаните.
Проблемот е комплексен, вели социологот Илија Ацевски, кој оценува оти граѓаните се во т.н. „морална паника“, па затоа и имаме забрзано иселување.
Ако имаат повисоки примања, граѓаните ќе останат во своето родно место, подвлекува Ацевски, и додава – создавањето на реална шанска за живот, која засега изостанува, би ја променила состојбата.

Засега, владата нема конкретна стратегија за надминување на „демографскиот колапс“. Па ветувањата испишани во владината програма „за живот“ останува само на хартија.

Просечната плата од 30.000 денари, не е ни на повидок, а ниту пак, останатите ветувања од владината предизборна програма.

Сања Трајковска Ставров