Масовниот протест испрати јасна порака до власта: Гневот кај граѓаните станува се поголем

Повик за слобода на уставобранителите, но и за оставка на Владата и распишување предвремени парламентарни избори. Масовниот протест кој собра повеќе илјадници граѓани, покажува незадоволство и желба за пад на моменталната власт. Причините се многу сметаат експертите, како економската состојба, така и лошото справување со здравствената криза, но големи проблеми се и криминалот и корупцијата. Според поранешниот амбасадор на Македонија во Велика Британија, Ристо Никовски, главна причина за гневот на граѓаните е играњето со националните интереси на државата, кое прво почна со промената на уставното име, а продолжува со прифаќањата на бугарските уцени и условувања.

-Народот е свесен дека трагедијата во која живее мора да заврши. Ова е само почеток на една која ќе донесе и мора да донесе промени, со кои ќе се прекинат сите тие давања на семакедонско, жртвување на семакедонско, жртвување на македонизмот, на нашиот симбол и дури одење во насока да се прифати една срамна политика дека нашите татковци и дедовци биле Бугари, изјави Никовски за Алфа.

Според Никовски, ова треба да биде само почеток на бранот кој ќе го покаже незадоволството на граѓаните. Вели доколку не била пандемијата бројот на излезени луѓе ќе бил многу поголем.

-Вчера да не беше пандемијата ќе имаше преку 100 илјади луѓе, цела Македонија ќе станеше на нозе. Меѓутоа сепак беше доволно масовно да се демонстрира спремноста на народот, да го брани она свое најсвето, а тоа дека ние како народ постоиме и тоа со 1000 годишна традиција, изјави Никовски.

Пред камерата на Алфа и самите граѓани кажаа дека не е слободата за осудените за настаните од 27 април причина да излезат на овој протест. Причини има и многу други.

-Буквално од се, од продавањето на националните интереси најмногу, вели еден од граѓаните пред камерата на Алфа.

-За се, целата ситуација е буквално мизерна. (Од што сте најмногу незадоволни?) Од се, апсолутно од се, вели уште еден граѓанин.

-Заради корупцијата, невработеноста, сиромаштијата, Македонците воопшто не се среќни во својата држава, не знаат како да ја градат својата иднина, посебно ние младите, кои наместо да имаме просперитет во нашата држава, ние не знаеме кој крај да го фатиме со плаќање сметки, плаќање факултет, воопшто со нашиот живот, вели уште еден граѓанин.

-Лошото справување со здравствената криза, лошата економска состојба на граѓаните и се друго, вели пред камерата на Алфа уште еден граѓанин.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека и покрај тоа што сме во пандемија, над 15.000 граѓани не можејќи повеќе да издржат се што се случува во државата решиле да излезат на улица и да го покажат своето незадоволство. Од владејачката СДСМ, пак повторно истата реторика, луѓето за кои се протестирало не биле уставобранители, туку терористи, а опозицијата бранела криминал.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста