Масовна вакцинација во САД

Во Соединетите Држави досега се дистрибуирани 170 милиони дози вакцини од кои се искористени 130 милиони. 26% од луѓето имаат примено барем една доза, а 14% се целосно имунизирани. Сепак, процесот се соочува со предизвици, особено кај сиромашните и малцинските заедници.

Верски лидери јавно се вакцинираа во Националната катедрала во Вашингтон во обид да ја зголемат довербата на Американците во процесот на имунизација. Сепак, многумина особено припадниците на малцинските заедници се уште се скептични.

Тие имаат поголема преваленца на постоечки коморбидитети поради што е поверојатно да имаат сериозен исход од инфекцијата – вели д-р ЕНТОНИ ФАУЧИ, Национален институт за алергии и заразни болести.

Иако 81% од Афроамериканците сметаат дека пандемијата е сериозна закана за јавното здравје, само 61% сакаат да бидат имунизирани, покажува најновото истражување на јавното мислење.Дел од жителите на Мериленд ги објаснуваат своите причини.

Со тек на време вирусите мутираат, која е поентата да се прими ако веројатно нема да ве заштити од сојот на вирус кој во моментов го има? Би рекол дека имам „здрав скептицизам“, не сакам да ставам нешто во моето тело.Ќе има скептицизам поради историјата и како САД во суштина имаат експериментирано врз Афроамериканците – велат жители на Мериленд.

Истражувањето на Фондацијата за семејство Кајсер покажува дека расположението е исто низ целата земја – Афроамериканците и Латиноамериканците се вакцинираат со поспоро темпо од останатите.

Фондацијата смета дека тоа е резултат на долгогодишната нееднаквост и системските пречки, а не само во двоумењето на луѓето.


Веб сајтовите не работат исправно. Треба да ги поправите сајтовите за луѓето да добијат вистинска информација – вели Жителка на Мериленд.

Надлежните велат дека се прават напори за надминување на проблемите.

Доставуваме дози од вакцините во аптеки кои се лоцирани во области со голем процент на малцинства. Користиме мобилни клиники. Го зголемуваме бројот на луѓе кои го спроведуваат вакцинирањето – вели д-р Ентони Фаучи, Национален институт за алергии и заразни болести.

Во Вашингтон локалните власти соработуваат со црковните заедници за да се олесни пристапот до вакцини, а и нерелигиозни групи организираат кампањи за информирање. И покрај сето ова дел од познавачите велат дека луѓето не можат да бидат предомислени преку ноќ.

Некои луѓе се уште не се убедени, а тоа е зашто тие никогаш вистински немале соодветна здравствена заштита за да сфатат како да се грижат за себе, да се заштитат себе, дека ова е сериозно зашто немаат едукација за здравствена заштита – вели МАЈК БРОУН, Невладина организација за здравствена превенција.Во моментов во САД во просек секој ден се даваат по 2.5 милиони вакцини. Проекциите покажуваат дека ако се продолжи со ова темпо до крајот на јули 90% од Американците ќе имаат примено барем една доза.

Претседателот Џо Бајден неодамна порача дека се надева оти САД ќе го дочекаат 4-ти јули, Денот на независноста, ослободени од вирусот.

За Алфа, од Гласот на Америка, Никола Крстиќ во Вашингтон.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста