Масовна поддршка за Пауновски-јавноста збесна по барањето на Заев за чистка на првиот пазарен инспектор

Вработените во Пазарна инспекција единствени бараат итна средба со премиерот Зоран Заев за да ја смени одлуката за разрешување за првиот човек Стојко Пауновски. Со петиција потпишана од сите вработени во централниот но и регионалните инспекторати застануваат во одбрана на шефот со образложение дека условите кои ги создал од кога е на функција досега никој не ги овозможил, но и неговата постапка  да пресече со одлука за невработување е оправдана.

-За жал се уште немаме одговор по однос на барањето за прием иако петицијата е уште во текот на вчерашниот ден потпишана речиси од сите вработени во ДПИ. Она што е најбитно е да ја постигнеме таа средба, до тогаш ни останува само да чекаме. Со собраните потписи  и писмен допис во понеделник ќе се обратиме до Владата со цел остварување средба со премиерот која се надеваме ќе се резултира со позитивен постигнат договор, стои во дописот од вработените во ДПИ до Алфа.

На социјалните мрежи граѓани оформија група за поддршка на Пауновски, а поддршка е дадена и од синдикалната организација УПОЗ и Стопанските комори .

Настапот на Заев пак во кој тој порача дека не дозволува различни мислења од оние кои ги утврдила Владата, а секое спротивставување е основа за разрешување предизвикаа бура од реакции. Контра Заев застанаа и негови сопартијци- Александар Кирацовски  во статус на ФБ му порача на Заев да не се разрешува Пауновски, туку да се променат критериумите за распределба на вработените по рамковниот договор. Реагира и некогашниот прв човек на ПДП, Петар Гошев, вели ако СДСМ е вистинска партија, треба да го одбрани Пауновски.

Дека одлуката на Пауновски е исправна реагираат и поранешни инспектори. Просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски за Алфа вели дека е спорно и образованието на кандидатите , бидејќи голем дел од нив завршиле како што вели во универзитетот на Рамиз Мерко.

Откако Пауновски јавно му се спротивстави дека нема да ја почитува наредбата за „вдомување“ на 35 рамковни административци кои се некомпетентни за функцијата, Заев остро му порача дека не дозволувал ваков пркос од директорите кои тој ги поставил.

Според наредбата од вицепремиерот Груби во која скоро 1400 рамковни административци  треба да бидат распределени во повеќе институции, во ДПИ треба да се „вдомат“ 35. Бурната реакција на Пауновски дојде откако откри дека нивните компетенции не одговараат за функциите на кои треба да бидат распределени ниту пак во градовите во кои е наведено има потреба од нови вработувања.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста