„Маска на отворено помага исто како очила за сонце во рудник“ – епидемиолози за последната мерка на Владата

„Кој нема да полуди, тој не е нормален“ – вака микробиологот Никола Пановски ја коментира последната анти корона мерка на Владата за носење маска на отворен простор која стапи на сила вчера. Вели апсурдно е маска да носи некој кој заминал да диши чист воздух на планина, или пак земјоделец на трактор што си ја ора нивата иако во некога близина со километри нема друг човек. Алармира оти мерката ќе биде контра продуктивна, односно наместо луѓето да излезат на чист воздух тие ќе се собираат во затворени простории онаму каде опасноста за ширење на заразата е огромна. Контрадикторно е вели маска да се носи ако се шета сам по улица, но не и ако четворица седат на иста маса во затворена кафеана.

„Ги тера луѓето да одат во кафана, ги тера луѓето да не носат маски во затворен простор. Ги тера оние што немаат пари за во кафана, да се собираат во разни подруми, гаражи, клубови место надвор за да си продолжат да се дружат. Евекај мене во зграда има мои години луѓе, си седат тука на клупите, а полициската станица е на 20 метри. Сега они нема да престанат да се дружат, они ќе се скријат. Полошо, бидејќи на отворено никој не се разболел. Еве јас возам велосипед, кој ќе биде тој што ќе каже дали спортувам или го возам заради потреби? Некогаш е комбинирана работава“, вели микробиологот Никола Пановски.

И други доктори од фелата контра мерката за носење маски на отворено. Епидемиологот од ЦЈЗ, Арсениевски преку ироничен статус порача оти оваа мерка на надлежните е без ефект.

„Маска на отворено помага исто како наочари за сонце во рудник“, пиша тој на социјалните мрежи.

Од Комисијата за заразни болести одлуката сите граѓани да носат маски на отворен простор ја темелат на истражувања оти аерозагадувањето и маглата во зима дополнително влијаеле на ширењето на вирусот преку воздухот.
Дури и премиерот Зоран Заев изјави дека корона вирусот се кревал од земја во вид на прашина со движењето на минувачите, но ова тврдење беше веднаш демантирано од страна на епидемиолози кои посочија оти дури и да се крева преку прашина, количината на вирус не е доволна за на тој начин да предизвика болест во организмот.

Инаку, само на првиот ден откако стапи на сила мерката за задолжително носење на маски на отворено, МВР казнило дури 928 граѓани кои го прекршиле овој протокол.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста