Марш, протести и иницијатива за референдум против законот за учебници

Родителите не се откажуваат од борбата против  министерката Царовска, за нејзиниот план за дигитализирање на учебниците. Министерството за образование  не им одговори на барањето за повлекување на законот за  учебници,  па во сабота излегуваат на улица. Протестен марш во Скопје и протести во повеќе градови во Македонија. Нашите деца не смеат да биде експеримент, велат од иницијативата „Учебници и настава мора да има“.

„Се обидовме да предложиме решенија и компромис во измените на Законот со една цел – да има реформи по мерка на ученикот. Сепак, надлежните остануваат глуви на нашите мислења, барања и ставови. Ја покренуваме оваа иницијатива за стопирање на донесувањето на овој избрзан закон. Почнуваме со организирани и координирани мирни протести во сабота, 15 мај во 12:00 часот – изјави Драгана Спасевска.

Бојкотот засега го прекинуваат. Родителите ќе покренат и иницијатива за задолжителен референдум на кој граѓаните ќе можат да се изјаснат за предложените измени во законот за учебници.

Во меѓувреме и народниот правобранител се сретна со претставници на граѓанските  иницијативи „Учебници и настава мора да има“ и „Менуваме“. Од таму апелираат до МОН да ги земе предвид ставовите и мислењата на родителите, наставниците и целата стручна фела. Веќе доставиле препорака  до ресорното министерство со насоки да преземат мерки, почитувајќи го принципот на најдобар интерес на детето и правото на еднаков пристап до образование на секое дете.

Од МОН пак и натаму не попуштаат. Реформите не биле избрзани, туку се темелеле на релевантни истражувања на меѓународни кредибилни институции.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста