МАР: инспекциите да излезат на терен, а не договорите да се раскинуваат еднострано

Сопствениците на рудници контрадикторни. Го ценеле мислењето на населението, но се против измените на Законот за минерални суровини. Тврдат дека Владата ги брка странските инвеститори. Алармираат дека ако измените поминеле во собранието по скратена постапка, рударството ќе изумрело. Бараат инспекциите поревносно да работат и да излегуваат на терен, а не со закон да може еднострано да се раскине договор за концесија со фирма што ги поминала сите ригорозни процедури за да добие А или Б интегрирана дозвола.

Од Асоцијацијата на рударство бараат законот да ги разграничува рудниците и каменоломите. Тврдат дека каменоломите често го кршат законот и ја загадуваат почвата, водите и воздухот.

За Асоцијацијата спорно е и тоа што ако се одземе концесија, на инвеститорот може да му се понуди друга локација без тендерска постапка. Тврдат дека ова отвора многу можности за злоупотреба.

И додека од рударскиот сектор бараат одложување на законот, министерството за економија побрза да го предложи на барање на еколошките здруженија. Токму поради нивните чести протести Владата ги раскина договорите со инвеститорите на Казандол и Иловица. Странските фирми покренаа тужби што “тежат“ 650 милиони евра.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста