МАНУ му одби „Северна“ на Заев

Македонската Академија на Науките и Уметностите му кажа едно големо НЕ на договорот од Преспа. Највисоката научна институција одби да го смени името и во него да ја стави кованицата Северна. Откако дознале дека во Собранието веќе е доставен предлог за промена на називот, академците писмено се обратиле до законодавниот дом и Владата и барале законот да биде повлечен. За изненадување, од Собранието добиле потврден одговор, односно дека законот ќе биде повлечен. Ова за Алфа го потврди претседателот на Академијата. Љупчо Коцарев.

Ние пративме официјално барање до Собранието и Владата со кое посочивме дека сакаме да се повлече законот за промена на името на МАНУ. Вчера добивме известување од Парламентот дека преглог законот ќе биде повлечен – вели претседателот на МАНУ Академик Љупчо Коцарев.

Коцарев вели дека не биле наведени причините зошто Собранието одлучило да го повлече предлог законот, кој инаку бил доставен од Владата. МАНУ е првата државна институција која и официјално се спротивстави на промена на името и одби да го додаде зборот Северна. Неофицијално, од сите академци, само академикот Беџети се согласил на промената.

Ваквиот став на МАНУ, иако за многумина е изненадување, сепак како да се наговестуваше по текстот што пред една недела го објави нејзиниот претседател Коцарев по повод годишното собрание на институцијата. Тој освен што најави дека можеби треба да се направи ревизија на договорот од Преспа и тој со Бугарија, остро се спротивстави на ставот на Заев и владата за забрана на термините Република Македонија, само Македонија или Македонска.

„Впечаток е дека состојбата, во која се наоѓаат денес многу институции и граѓани на Македонија, поради користењето на името Македонија и придавките што произлегуваат од тоа име, е грда, непријатна, одвратна, застрашувачка. Што ни останува нам? Се надевам дека нема да дозволиме, во 21 век, библијата да биде цензурирана. Но, не само тоа. Се залагам за достоинствена иднина на сите, па така и на Македонците„, напиша Коцарев.

Како што е познато, власта во изминативе години набрзина ги промени имињата на речиси сите институции во сите области. По ваквиот потег засега е нејасно дали и други институции би можеле да го следат нејзиниот чекор.

Последен пат се шпекулираше дека МАНУ ќе го промени името во 2019 согласно договорот од Нивици, но академијата се чини ги издржа притисоците и остана доследна на принципите за зачувување на својот препознатлив идентитет.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста