МАНУ конечно излезе од интелектуалниот карантин

По жестоките реакции на јавноста, МАНУ конечно излезе од „интелектуалниот карантин“. Се огласи претседателот Љупчо Кацаров кој преку анализа на два математички модели од Велика Британија за пресметка на вкупниот број заразени, споредувајќи ги со официјалниот број на потврдени случаи во Македонија, дојде до заклучок дека пикот на пандемијата кај нас ќе биде на почетокот на мај, и ќе достигне илјада и сто инфицирани лица.

Моделот според кој МАНУ го пресметува можниот број на заразени лица е создаден на универзитетот Оксфорд. Истражувачката група кој го има креирано моделот сугерираше дека пандемијата со Ковид 19 започнала барем еден месец пред првата пријавена смрт. Но колку моделите според кои се добиени резултатите ги покажуваат точните параметри, говорат и погрешните пресметки за смртноста во САД, која според овој модел требаше да достигне околу дваесет илјади починати,  Дури откако јавноста и медиумите жестоко ги критикуваа овие модели, нивните креатори излегоа со извештај дека без драстични интервенции, повеќе од половина милион Британци и повеќе од два милиони Американци ќе починат од Ковид -19.

Академикот Кацаров вели дека Македонија е на добар пат, а неговите предвидувања се пооптимистични и од оние на здравствените власти, кои рекоа дека бројот на заразени ќе достигне околу две илјади лица.

Кацаров на крајот од излагањето сепак се огради од можната грешка:

Сакам да подвлечам дека моделите, иако не се најточни, содржат претпоставки и апроксимации, и градат можни сценарија, сепак, се моќна алатка за разбирање на неизвесното и помагаат при донесување правилни одлуки – пишува Кацаров.

Заклучно со денес, според официјалните информации, бројот на заразени од Ковид 19 во Македонија изнесува седумстотини и шеесет случаи, а според пресметките на Кацаров, за до почетокот на мај да бидат дијагностицирани илјада и сто случаи, бројот во наредните 24 дена, константно треба да се зголемува за 14 случаи на ден.

Дејан Трендов 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста