Mандатот на Филипче преполн со големи афери, сомнителни тендери, корупција, скандали со пациенти

Сомнителни тендери, корупција, скандали со пациенти се само дел од ситуациите на кои јавноста во изминативе години беше сведок на раководењето на министерот за здравство Венко Филипче.Но, дали трагедијата во Тетово ќе биде пресудна за министерот да ја напушти неговата фотелја останува непознато.

Низата афери препишани на име на Филипче особено од почетокот на пандемијата, го извади на површина лошото менаџирање со состојбата. Додека Владата и министерот Филипче уверуваа дека состојбата е под контрола,состојбата на терен не беше таква. Граѓаните секојдневно преку медиумите и социјалните мрежи ги споделуваа своите негативни искуства.

Несреќата во Тетово е последната трагедија. Само во последнава година одекнаа повеќе скандали поврзани со Министерството за здравство. Најголемата вина за доцнењето на вакцини беше на адреса на Филипче, но и контроверзниот обид за набавка на вакцини од Кина не помина без скандал. Во март годинава италијанскиот весник „Ла Верита“ објави писма и документи во кој пишува дека Филипче се согласил можниот ризик од имунизацијата со вакцината „Синофарм“ да биде на наш грб. Весникот пишуваше дека кинеската компанија ја откажала зделката плашејќи се од измами, бидејќи според објавите на „Ла Верита“ премиерот Заев одел преку фирма посредник која била фантом компанија со нестабилни темели во Хонг Конг.

Во изминатиот период здравството потона во скандали. Се памети оној каде што во болницата во Струга родилката Јилдиз Веаповска обелодени дека по породувањето од болницата си заминала без матка, јајник и бубрег. Јавноста се уште се сеќава на пациентката од Струга која со часови чекаше лекарска нега легната во комбе на Брзата Помош, по што почина поради компликации од Ковид 19. И пациентка која се лекувала во штипската болница, почина молејќи за боца кислород. Но, за жал за ниту еден од овие случаи нема одговорност за лекарска грешка.

Не се заборава и за скандалот кој „пукна“ со 35-милионскиот тендер за набавка на биохемиски реагенси, за која министерот Филипче ни тврдеше дека нема ни „к“ од криминал. Сомневањата што се крие зад оваа бизнис-зделка се зголемија откако излезе информацијата дека на тендерот конкурирала само една компанија стара само четири месеци.

Тоа што беше симптоматично во целата приказна е што целата тендерска спецификација беше направена така што на неа да се пријави само една фирма. Тендерот тежок 35 милиони евра се најде под истрага на јавното обвинителство.

Филипче беше вмешан и во еден во поголемите скандали во Македонија– Рекет 2. Каде што заработи и кривична поради  поради злоупотреба на неговата положба при продажбата на фирмата Диамед на странска компанија во зделка тешка над 11 милиони евра. Филипче и поранешниот директор на ФЗОМ Ден Дончев изнесувале невистини на шведскиот инвеститор да се откаже од купувањето на македонската фирма која располага со центри за дијализа во земјата и со нивното влијание предизвикале и одложување на купопродажбата. По случајот со „Диамед“, тогашниот директор на ФЗО, Ден Дончев поднесе оставка од функцијата.

Ања Василева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста