Манастирот „Трескавец“ се уште чека на изградбата на водоводот

    На 4-ти февруари се навршија точно 9 години од огромниот пожар кој во 2013-та година, до темел го пеплоса балканското светилиште, Манастирскиот комплекс „Трескавец“. Изминаа веќе и две години откако по сите современи стандради, целосно беа обновени манастирските конаци.  Меѓутоа, Манастирот се уште не е ставен во употреба, бидејќи водоводот, и покрај досегашните бројни ветувања, се уште не е изграден.    Според старешината на Манастирот, отец Калист, очекувањата се дека во текот на оваа година, овој проблем конечно ќе биде решен. И од општина Прилеп уверуваат дека „Трескавец“ оваа година ќе добие вода, а и Пречистилена станица. Градоначалникот Борче Јовчески, уште во ноември ги обновил контактите со инвеститорот „ТАФ Македонија“, од каде пак велат дека сега се чекало само на градежната дозвола од Општината и на подобровуњето на временските услови.

  „За „Трескавец“ ние сме спремни. Имаме подизведувачи, имаме средства, имаме се, меѓутоа се уште немаме валидна градежна дозвола. Со новиот градоначалник бевме на состанок и тој се заложи веднаш да проба да ги анулира сите тие административни работи за да ја добиеме градежната дозвола. Значи, единствено очекуваме да добиеме градежна дозвола и да започнеме со работа…Мислам дека за некои три до четири работни месеци, би ја комплетирале целата работа“, – ни изјави за Алфа, Горан Тошевски, консултант на турската Компанија „ТАФ контракшн – ДОЕЛ Македонија “.

  Од општина Прилеп пак, за Алфа ни изјавија дека веќе интензивно работат на средувањето на потребната документација која во преходните години, за жал, била оставена статус-кво.

   Од друга страна, она што останува како клучен и голем проблем во „Трескавец“ е фактот што во сиве овие години речиси ништо, или многу малку е сработено на манастирската црква „Успение на Пресвета Богородица“, која и буквално се распаѓа. Ингеренциите за нејзината обнова ги има НУ „Завод и Музеј“ Прилеп, односно Министерството за култура. Црквата датира од 12-от век и заедно со Манастирот се историски споменик на културата.

  Инаку, по само една година од опожарувањето, минатата Влада, за прв пат во историјата од постоењето на Манастирот, изгради 7,5 километарски асфалтен пат кој многу придонесе за обновата на Манастирот. Манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ се наоѓа на 1280 метри надморска висина, во крајно непристапен терен.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста