Малите дуќани први на удар – државата наместо да им помогне, со новите мерки свесно ги руши маалските бизниси

Граѓаните се соочија со проблем. Во малите дуќанчиња нема леб и масло за јадење. Газдите велат не можат да опстанат да работат без маржа. Во големите маркети, пак, не можете да купите повеќе од 2 литри масло за јадење. Мелничарите потврдуваат дека продавниците веќе ги откажуваат нарачките за леб, бараат од Владата под итно да донесе нови, реални мерки.

Некои од малите продавници ги повлекуваат зејтинот и лебот, а во дел од големите маркети не може да се купи повеќе од две шишиња масло за јадење и трајно млеко.

  • „Така ни е наредено, не е до нас,“ вели продавачка во еден од големите маркети, кога на купувач, од пет млека, две му вратиле на каса.

Од мелничко-пекарската индустрија велат дека маалските продавници веќе ги откажуваат нарачките за леб. Бараат од Владата под итно да донесе нови, реални мерки кои ќе им помогнат на сите.

  • Направена е голема грешка со новите мерки, верувајте дека пазарот останува без брашно тип 400, ќе остане без леб, се соочуваме со сива економија, ќе биде многу тешко. Ова сериозно ќе се одрази до работењето на бизнисите и дадено е барање до Владата, и до министерството за економија, во кое се вели да се вратат старите услови за да се нормализира работењето на бизнисите, зашто вака не оди до никаде, вели за Алфа Горан Малишиќ од Мелничко-пекарската индустрија во Македонија.

Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека 70% од продажбата на лебот, се одвивала низ големите маркети, а малите можеле да заработат од други производи. Тврди дека имало доволно количество брашно за потребите на домашниот пазар, и дека немало потреба од паника кај граѓаните за непотребно купување.

  • Сакам да ги уверам граѓаните дека имаме доволна количина на брашно во домашните млинови, а цените на основните прехранбени производи во наредниот период ќе се намалуваат како резултат на одлуките кои што го донесе Владата за заштита на граѓаните од ценовни шокови. До крајот на неделата очекуваме целосна стабилизација на пазарот и во зависност од информациите ќе се укине и забраната за извоз која што беше донесена минатата недела. Наш приоритет е да се грижиме за граѓаните и да ги заштитиме од ценовни шокови, рече министерот Бектеши.

Министерот кажа дека институциите се во постојана комуникација со српските власти за обезбедување на дополнителни количини на пченица, што не значи дека не се покриени домашните потреби, туку овие количини се со цел одредени наши компании производители на брашно кои се извозници во регионот, по стабилизација на пазарот да може и да извезуваат и да станат поконкурентни и во време на криза.

Со владината одлука, лебот, брашното и маслото се продаваат без маржа, па така, најмногу ќе бидат погодени малите продавници, особено оние во селата и оддалечените места кои самите ја преземаат робата за што имаат големи трошоци.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста