„Малиќи Груп“ станува холдинг со десет компании

Десет компании на семејството Малиќи, од македонскиот и косовскиот пазар стануваат дел од холдингот „Малиќи Груп“. Од „Малиќи Груп“ на денешната промоција на компаниите посочија дека имаат план за развој, единствено работење, дигитализација и визионерство на сопствениците и на тимот.

Групацијата се состои од компании кои работат во регионот во областите од дистрибуцијата, недвижноститe и угостителството. Всушност, станува збор за компаниите „Gemak“, „Gekos“, „Maliqi Construction“ со странски инвестиции во „Rajana Engeneering“, „Hindenburg Germanija“, „Gemak Telecommunication Services“, „Enternet“, „Vala distributer“, „Parklend“, „Immoreks“, „Cactus construction“.

Албан Малиќи, директор и член на бордот на директори на денешната промоција ги запозна присутните со плановите и конкретните предлози за ангажманите во Холдингот, којшто, како што рече, им е оставен како аманет од нивниот татко Енвер Малиќи.

  • Тој нè научи како треба да се раководи бизнисот, а истовремено да се цени и секој момент поминат со блиските, без разлика дали се пријатели или бизнис-соработници, изјави Албан Малиќи.

Алтин Малиќи, уште еден од сопствениците на компанијата и член на бордот на директори посочи дека досега овие компании, од различни сектори на бизнисот, дистрибуцијата, недвижностите и угостителството, функционирале како поединечни правни единки. Но, сега, како што рече, како дел од оваа Групација, меѓусебно ќе се координираат со цел да се отворат нови можности за прогресивен раст на компаниите.

  • На овој начин веќе креираме иновативни бизнис-планови, кои досега не можеле сами да ги реализираат, но како Групација ќе освојуваат нови пазарни можности и работни проекти, додаде Алтин Малиќи.

Тој напомена дека многу важен сегмент од ова вмрежување на компаниите ќе биде дигитализацијата, со што ќе се унапреди оперативното работење на сите нивоа и ќе се подобри функционалноста на секоја од компаниите поединечно, но и на ниво на Групација.

Од „Малиќи Груп“ додаваат дека веќе ја ангажирале консултантската куќа, „Прајс Вотер Купер“, која правно и организациско ги реструктуира компаниите. Но, ангажирани се и експерти од областа на човековите ресурси и секако нови менаџмент сили кои заедно со постоечките ќе помогнат во овој процес. Ќе ги оптимизираат сите аспекти на работењето и ќе воведат стандарди што ќе овозможуваат раст и развој. Тие велат дека ќе ги оптимизираат сите аспекти на работењето и ќе воведат светски стандарди, коишто ќе овозможуваат раст и развој.

  • Ние инспирираме напредок, лидерство и претприемништво. Се заблагодарувам на поддршката од целиот тим, од 400 вработени, тим со кој заеднички, во време на пандемијата со Ковид-19, во исклучително тешки две години, се обидовме да го испорачаме сето она што го планиравме. Транспарентното работење ни овозможи да оствариме годишен промет од 100 милиони евра само минатата година, истакна Резеарта Малиќи Салиу-директорка и член на бордот на директори на новиот Холдинг.

Семејството на Енвер Малиќи основа и Фондација која ќе го носи името на овој човек. Фондацијата ќе поддржува проекти од областа на образованието, културата и животната средина, а во соработка со Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Архитектонскиот факултет во Приштина, ќе доделат пет стипендии за најдобрите студенти во студиската година. Дополнително, договорена е и поддршка и за Филхармонија на РСМ.

  • Фондацијата „Енвер Малиќи“ ќе биде подадена рака за секој поединец, уметник, институција, здружение, коишто сакаат да направат промена во одредени сфери на живеењето, во земјава, и во соседно Косово. Ќе мапираме потребни проекти кои ќе бидат благодет за заедницата. Би сакале да промовираме и вредности за почитување на природата и ублажување на климатските промени. Потребна е индивидуална одговорност за благодет на целото општество, изјави Мевљуде Малиќи, сопруга на Енвер Малиќи и претседателка на Фондацијата.

Исто така, на денешната промоција на Холдингот беше промовиран и документарниот филм во чест на Енвер Малиќи, основачот на 10-те компании, во кој се говореше за неговиот живот и дела.

Премиерата на документарецот ќе се одржи и вечерва на МРТ2 во 20:00 часот и МРТ1 во 20:45 часот.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста