Малата Ембла се врати во училиште, ама до кога ќе биеме битки против предрасудите?

Инклузијата на децата со попреченост не и успеа на поранешната министерка Мила Царовска иако цел нејзин мандат го ветуваше тоа, а дека и понатаму постојат стереотипи и предрасуди во нашето општество алармираше и нејзиниот наследник Јетон Шаќири по случајот со Ембла Адеми ученичка со Даунов синдром. Сведоштвото на нејзините родители предизвика бура од реакции кај македонската јавност, откако во Основното училиште „Башкими“ во Гостивар соучениците ја бојкотирале наставата само затоа што Ембла била поразлична од нив.

Петицијата на родители против дете со Даунов синдром е најновиот пораз на нашето општество кога станува збор за односот кон најранливите меѓу нас – остро реагираат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Вкоренетите предрасуди повторно преовладаа над основните принципи на солидарност и емпатија. Раководството на образовната установа во Гостивар со своите дејствија се приклучило кон дискриминаторите, наместо да се стави во заштита на едно дете, за чија инклузија има не само морална, туку и законска обврска-реагираат од Хелсиншкиот комитет.

Од таму бараат итно да биде разрешен директорот кој дозволил ваков дискриминаторски третман кон малата Емба, а инспектори да извршат увид во училиштето. Од Државниот просветен инспекторат само кратко информираа дека следната недела инспекторите ќе извршат увид, по што деталите ќе бидат соопштени јавно. Министерот само посака вакви ситуации да не се повторувале.

Победа на општеството и на вистинските човечки вредности. Посакувам вакви ситуации да не се повторуваат. Затоа, мораме да продолжиме да даваме придонес кон подигнувањето на свеста за децата со попреченост.

Тие не се поразлични од другите и заслужуваат еднаков пристап до квалитетно образование како и сите други. Тоа е основно право и должни сме да го овозможиме“- пишува министерот за образование и наука, Јетон Шакири.

Реагираа и родители преку групата „Учебници и настава мора да има“.


„Мила Царовска еве ја твојата инклузија!

Наместо прифатени и почитувани овие немоќни деца со посебни потреби се дискриминирани повеќе од било кога!

Ајде делувај сега! Ќе замижеш по сите лузни што ги остави во образованието и ќе живееш со твојата апанажа!“ – велат од граѓанската иницијатива.

На први февруари Ембла Адеми беше сама во училницата бидејќи нејзините соученици ја бојкотираа наставата. Она што дополнително предизвика револт е изјавата на директорот на училиштето Зијадин Нуредини, кој наместо да го реши проблемот, предложил  таа „да циркулира и да ротира во три паралелки“ во текот на наставниот процес.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста