Македонците пијат антибиотици како бомбони, и кога треба и кога не треба

Oколу четири проценти од граѓаните секојдневно користат антибиотици, а многумина купуваат на своја рака, без рецепт. Минатата година биле препишани 1,8 милиони рецепти.

-Ја достигнуваме бројката од 20 дневни дефинирани дози потрошени на товар на Фондот. Ако во овие рамки ги вклучиме и комерцијално потрошените лекови, потрошените лекови во болниците и лековите искористени во ветерината, можеме да кажеме дека во Македонија се користи навистина голем број антибиотици. Нема податоци за тоа колку од населението зема антибиотици на своја рака, но претпоставката е дека барем 50 отсто од купените антибитоици отпаѓаат на комерцијалната потрошувачка, на приватно купување од страна на граѓаните во аптеките, вели Кристина Христова од Фондот за здравство.

Според Светската здравствена организација, Македонија е меѓу најзагрозените европски земји со висока стапка на резистенција на антибиотици, но во нашите  клиники се штеди на анализи, а поради ова, не се знае колку пациенти во земјава се отпорни на антибиотици.

– Можеме да кажеме колку бактерии сме изолирале. Таа бројка е неколку стотици, значи дека се работи за стотици луѓе, но тоа се само оние пациенти кај кои е земен примерок. Кај нас доста се штеди во земање примероци така што има сигурно уште илјадници кои или оздравеле или на здравјето им се искомплицирало без да имаме доказ дека бактеријата била резистентна. Тоа што го изолираме како сигурно патогени бактерии, е меѓу 200 и 300 соеви годишно во крвта на човекот при септични состојби. Во ЕУ 33.000 луѓе умираат поради неможност да се излечат од инфекција со отпорни бактерии што е нешто повеќе од оние што умираат во сообраќјни незгоди. И во Македонија има такви случаи, а бројката, е два до три пати поголема од онаа на починати во сообраќајки, вели универзитетскиот професор Никола Пановски.

Според ваквите пресметки, во Македонија поради неможност да се излечат од инфекција со отпорни бактерии умираат околу 400 луѓе.

Сања Т. Ставров