Македонско-бугарската комисија пред распаѓање ?!– професорот Ѓорѓиев поднесе оставка

Членот на Македонско – бугарската комисија за историја, Ванчо Ѓорѓиев си поднел оставка од функцијата. Причината на ваквиот потег биле се почестите обиди за политичко влијание врз работата на Комисијата на висок функционер од МНР и без негова согласност е прифатена промена на учебникот по историја за седмо одделение во делот за цар Самоил. Ѓорѓиев во краток телефонски разговор ни ја потврди информацијата и посочи дека кулминацијата била достигната на вчерашниот состанок. Во соопштението кое го испрати до јавноста професорот вели дека измените на историските учебници се во спротивност на Резолуцијата која беше усвоена во македонското собрание.

– Под влијание на двојното водство во македонскиот дел од Комисијата, се отстапи од утврдените принципи за консензуално носење одлуки по сите прашања, при што не беше испочитувано договореното на координативниот состанок од 20.10.2021 година. Нагласувам дека изготвените и разменети предлог-идеи, донесени и разменети во текот на вчерашниот ден од страна на македонскиот дел од Комисијата за препораки за учебниците за VII одделение за македонските учебници, се без моја согласност. Демонстрираните ставови на последната средба од страна на другите членови на македонскиот дел од Комисијата, не само што се во спротивност со Резолуцијата усвоена на 29.07.2021 година од македонското Собрание, со која се утврдуваат црвените линии во преговорите меѓу Република Македонија и Република Бугарија, туку и со македонските национални интереси, наведува Ѓорѓиев во соопштението

А откако професорот Ѓорѓиев обзанани за скандалот во Комисијата, оркестрирано стигнаа соопштенија со деманти. Најпрво министерот Османи се правда – никој од министерството не вршел притисок врз членовите на Комисијата и одлуките кои се носеле, ама потврдува дека темата на која се кршеле копјата е цар Самуил и неговото присуство во учебниците.

По Османи и владата побрза преку соопштение да се огради од скандалот во Комисијата. Не се мешале во одлуките ама и немале политичко влијание, го обвинуваат професорот Ѓорѓиев дека го злоупотребувал тајмингот за политички пораки.

-Категорично отфрламе било каква инсинуација дека имало било какво влијание на одлуката на професорот Ванчо Георгиев да го прекине својот ангажман како член на Комисијата од страна на Владата или било која нејзина институција, стои во соопштението од Владата.

А со обвинувања и довчерашните колеги на Ѓорѓиев од Комисијата – изненадени биле од неговите тврдења. 

Научните принципи во работата на Комисијата биле, се, и ќе останат непроменети и дека не постои никаква основа да се тврди дека постои нов принцип на работа, ниту политички притисок од МНР, Владата или политичките партии, велат од Комисијата.

По ваквиот скандал, првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ; Христијан Мицкоски апелира власта да ја почитува донесената Резолуција, а личните и политики интереси да ги остават на страна.

-Шокирачки е што некој помеѓу двата изборни круга одлучува да распродава дел од македонскиот идентитет, да ја продава Македонија, на сметка на тоа да опстане политички. Имаме јасна Резолуција изгласана во македонското Собрание, очекувам личните и бизнис интереси да бидат оставени на страна. Веднаш повикувам не само до тие политичари кои вршат притисок, туку и до останатите членови на историската комисијата која преговара,  да ја следи постапката на професорот Ванчо Ѓорѓиев, затоа што треба да се свесни дека слугувањето на тие кои ја продаваат Македонија ќе биде запишано во историјата, ама на темната страна, рече Мицкоски.

Засега историчарот Ѓорѓиев  е првиот кој излегува од составот на Комисијата, но ги охрабрува и останатите од Комисијата како што вели да не ја виткаат кичмата и да дозволат некој друг да одлучува место нив.

Во меѓувреме група од 82-ца  македонски интелектуалци излегоа со реакција по повод негирањето на македонската национална, културна и јазична посебност од страна на Бугарија. Преку соопштение реагираат дека тоа што бугарската држава не ги признава македонската нација и македонскиот јазик укажува на тоа каков „пријателски“ договор имаме со Бугарија кој води кон целосно обезличување на сето она што е македонско.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста