Македонските земјоделци креваат глас – на 26-ти октомври генерален протест пред Влада

Здружени во заедничката мака, доведени до работ на егзистенцијата, но многу повеќе, како што велат самите, исцрпени и изморени од бројните дадени, но не и реализирани ветувања, македонските земјоделци организирано го креваат својот глас. Претставници на шест земјоделски здруженија на: лозари, овоштари, оризо-производители и сточари од Тиквешкиот, Велешкиот, Преспанскиот и Источниот регион, денеска од Кавадарци го највија генералниот земјоделски протест кој треба да се одржи на 26-ти месецов, пред македонската Влада, од каде ултимативно ќе побараат исполнување на низата нивни барања, инаку веќе добро познати на власта.

Македонските земјоделци категорично ги отфрлаат обвинувањата на власта дека биле политички инструирани од опозицијата. Велат дека нив единствено ги сплотиле заедничката мака и понижувањата кои ги трпеле со години. Дури побараа и јавно извинување од ресорниот министер.

Според најавите, доколку власта се оглуши на нивните барања и при престојниот протест, македонските земјоделци се подготвени да ги радикализираат протестите со масовни блокади низ целата држава, заради што, велат дека добредојдена им е сечија поддршка, независно од дејноста со која се занимаваат, или политичката припадност на земјоделците.

Каролина Дурло