Македонските земјоделци на генерална земјоделска “буна“ на „Петровден“

       Пукна трпението на македонските земјоделци. Пробивањето на сите рокови за исполнување на нивните егзистенцијални барања, ќе ги извади на предупредувачки, двочасовен генерален протест на 12-ти јули. Ова е синоќешната одлука од средбата на претставниците на сите земјоделски гранки од целава земја, која се одржа во Прилеп.

  „Очигледно е незадоволството кај сите гранки и  срамно е за оваа Влада што на ваков начин, сите наши барања, со Закон предвидени, да ги остваруваме на протести…Верувајте дека сме во финансиска криза, борчиме насекаде – кон аптеки, кон сите наши добавувачи, да речеме репро-материјалите се поскапени за 30-40 проценти, сега нов удар за нас земјоделците е зголемувањето на нафтата…се оди во нагорна линија, а цената на нашите производи останува иста, а и се намалува. Значи, ова е веќе неиздржливо“, – вели Игор Мирчески, координатор на тутунопроизводителите и иницијатор на протестите.

   Дека македонското земјоделство е во длабок колапс, потврдуваат и сточарите, и лозарите, и оризопроизводителите. Велат, она што најмногу ги револтира е игнорантскиот однос од власта.

  „Сточарството е во колапс. Неисплатени субвенции за 2020 година за млеко, по грло, значи буквално не е ништо исплатено. Сите ги чекавме до 30-ти јуни, еве не ги зедовме, од друга страна сточната храна веќе оди во нагорна линија и ја нема доволно да се купи на пазарот…сточниот фонд се продава, се продаваат фарми, сите крави се продаваат, тешко за издржливост“, – објаснува сточарот од битолско, Тони Малчевски.

 „Досега имаме игнорантски однос од страна на институциите, ќе го посочиме и МЗШВ, се гледа едно општо незнаење, незаинтересираност за да се решаваат проблемите и мислам ако вака се продолжи треба да се извршат и промени во Министерството, па ако треба и смена на министерот, кој досега се докажа дека не е способен да го води Министертсвото..сега земјоделството буквално е на колена“, – посочува Ѓорѓи Каракашов, земјоделец од Радовишко-струмичкиот регион.

  „Сега ние произведуваме грозје, а не знаеме кој ќе го откупи, по која цена, бидејќи лани земаа грозје по три – четири денари, по шест денари и никој ништо не презема..плус ковид-средствата што се тие…тоа до ден-денеска ги нема, иако беше ветено до 15-ти март да се исплати, помина и јуни, сега слушам дека во август месец ќе ги исплаќале, има регистрирани земјоделци со дополнително 20 посто, тие се за три години неисплатени “, – ни изјави Дане Јошев, претседател на РЗ “Тиквешки лозаро-овоштари“.

    Најавениот предупредувачки протест ќе се одржи во Прилеп, од 10 до 12 часот. Во зависност од неговиот исход, ќе се преземаат идните следни чекори, велат иницијаторите.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста