Македонските земјоделци го кренаа својот глас против погубните аграрни политики

Како и што најавија, притиснати од долготрајните катастрофални состојби во сите земјоделски гранки, македонските земјоделци денеска во Прилеп ја дигнаа „Петровденската буна“. Велат, состојбата им била повеќе од неиздржлива, па затоа и не  потклекнале пред бројните тивки притисоци од власта кои што во изминатиов период ги трпеле.

„Имаше тивки закани, притисоци и уцени кон дел од организаторите, меѓутоа, ние не подлегнуваме, бидејќи ја кажуваме вистината. Верувам дека и кон земјоделци и кон група на граѓани кои што имаа намера да го поддржат овој протест, се извршени притисоци, бидејќи ми се јавуваат со пораки“, – вели Игор Мирчески, иницијатор на протестот.

Гневните и разочарани земјоделци, кои во престолнината на тутунот пристигнаа од сите краишта на земјава, од денешениот предупредувачки протест, уште еднаш упатија јавен апел до власта и до надлежните државни инстситуции, во најкраток можен рок да се зафатат со конкретно решавање на широката лепеза од нивните егзистенцијални проблеми, бидејќи секојдневно ги фрлале во се подлабок социјален ризик.

„Во државата земјоделието не ни оди на добро. Да земат во предвид дека оваа категорија на граѓани ја храни нацијата и придонесува финансиски во Буџетот на државата. Треба да имаат во предвид на нас како на луѓе што се мачиме по нивите , работиме по нивите, а тие уживаат по канцелариите“ – посочува Игор Мирчески, иницијатор на протестот.

„Исто како и кај сите останати земјоделци, така и кај нас оризарите, ситуацијата е катастрофална. Откуп немаме, цената нагло падна, а еве за два месеци имаме и нова реколта, нова жетва, ситуацијата е алармантна…Ова е голем проблем, имаме околу 50 до 60 проценти останато од лани… – се пожала младиот кочански оризар, Стојче Ташовски.

Ако и оваа година, грозјето го откупуваат по ланска цена, тогаш ние подобро да го исечеме лозјето…Оваа година не се исплатени ниту субвенциите, двата денари не се ни почнати, 2 плус 4 денари тие Ковид-средствата не се ни почнати, зелената нафта не е почната, со Водостапоанство проблемот не е решен, земјата сакаат да ја продаваат“, – посочува Дано Јошев, лозар од Кавадарци.

Македонските земјоделци се заканија дека доколку и овој пат државата остане глува на нивните веќе добро-познати барања, тие, за кратко време ќе ги радикализираат протестите.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста