Македонските тутунопроизводители во сабота на масовен протест против игнорантскиот однос на Власта

На македонските тутунари им се прелеа чашата. Тие в сабота излегуваат на масовен двочасовен протест со блокада на патниот правец Прилеп – Плетвар. Причина – крајно игнорантскиот и понижувачки однос од Владата кон нив, која не се одважи да одговори на нивната иницијатива уште од пред две недели за итна заедничка средба со цел спас на македонското земјоделие во овие екстремно кризни и тешки времиња за сите.

  „Бидејќи немаме одговор, нема едноставно помош во земјоделието,  приморани сме да организираме протест…Ако продолжи овој игнорантски однос на државата кон земјоделецот, ние како држава нема да се прехраниме и едноставно ќе бидеме увозно зависна држава како што сме и досега..А увезената храна е многу скапа во однос на произведената овде, кај нас во Македонија што ја произведуваме“, – ни изјави за Алфа, Тони Ангелески, потпретседател на Тутунско здружение.

  Тутунарите од најголемиот прозводствен регион во земјава, Пелагонско-долненскиот, навредени се и од чекорот на ресорниот министер, минатата недела во радовишко да одржи средба само со тамошни тутунари, избрани по негов личен избор.

   „Министерот за земјоделие, Љупчо Николовски имаше состанок со откупувачите, со тутунопроизводители и со партиски луѓе, кој се одржа во Радовиш. Ние како тутунски здруженија не бевме повикани, но дознавме дека ќе има таму состанок и самоиницијативно појдовме на состанокот…Побаравме збор за да му ја кажеме правата состојба во производството, но тој збор за околу 15 минути, министерот го одзеде, едноставно да не продолжиме да ја кажуваме правата состојба во тутунопроизводството. Да не навредам, ама неговиот однос како министер не му прилега на тоа што го кажа – ние не сме биле фактор и да не одиме со демагогии“, – објаснува Ангелески.

  Инаку, протестот ќе се одржи в сабота од 11 до 13 часот на излезот од Прилеп кон Скопје. Тутунарите ја бараат поддршката од сите граѓани, бидејќи како што велат – „За сите се работи“.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста