Македонските тутунари изиграни со распределбата на петте милиони евра од Петтиот Ковид-пакет ?!

Манипулациите на државата со македонските тутунопроизводители, не престануваат. По вчера-добиеното писмо за начинот на распределба на парите од Петтиот Ковид-пакет, тутунарите сметаат дека пак се изиграни. Освен што помошта од 12 денари ќе се дава само за третата и четвртата класа, а додека 2 денари ќе одат на втората класа, тутунопроизводителите пресметале дека државата и овде ќе им направи кражба, односно, наместо ветените пет милиони евра, ќе биле потрошени само 3.698.884 евра.

   „Нашите барања за ковид-пакетот беа да се распределат подеднакво по килограм тутун за сите тутунари….На овој начин државата популистички сака  да се прикаже како добротвор кој поделил ковид-пакет  и обесштетил тутунари со низок просек. На тие што им зеде по 2 евра по килограм, сега сака да си ги измие рацете со 12 денари….Каде се 1.301.116 евра од ветените до исплатените ?!“, – прашува Игор Мирчески, коориднатор на четирите новоформирани тутунски здруженија.

   Освен на ова, тутунарите имаат забелешка и на престојната исплата за субвенции. Според нивните математики, државата и овде направила кратење.

   „Ако во програмата за субвенции за оваа година се предвидени 30, 7 милиони евра, а ќе бидат исплатени нешто помалку од 28 милиони евра, останатите 2 милиони и  700 евра во што ќе се распределат?! Или, ако направиме вкупна анализа во однос на субвенции и во однос на ковид мерката, вкупно ќе се потрошат 31, 7 милиони евра, а државата обезбедила 35, 6. Остануваат  4 милиони евра. Нашата држава наместо да дава, крати од парите обезбедени за тутунарите, што ќе рече дека со наши камења не удира по наша глава“, – објаснува Игор Мирчески.

   Тутунарите не знаат зошто им се скратени и каде ќе бидат потрошени вкупно останатите 4 милиони евра. Исто така, тутунарите повторно побараа од премиерот Заев да си достои на дадениот збор за 185 денари просек кои им го ветил на тутунарите.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста