Македонските стари чаршии изумираат, младите не се заинтересирани за занатчиство и масовно се иселуваат

Двете пандемски години и сега, дваомесечната војна во Украина, освен по големите претпријатија, се’ повеќе удираат и ги фрлаат на колена и малите, неретко, стари семејни бизниси. Занаетите изумираат, дуќаните се затвораат, а оние кои се уште како – така работат, најчесто работат со загуба или од немајкаде, па според занаетчиите, само прашање на време е кога и тие ќе ги затворат своите бизниси. Алармираат дека голем број од мерките кои што ги презема власта или се беззначајни, или задоцнети.

Јас сум негде од 1986 година како занаетчија во Старава чаршија, не велам дека постојано било сјајно и немало периоди кога многу често имало или немало работа, меѓутоа ова што во последно време се случува е досега нешто невидено. Ајде да речам и со пандемијата, ама сега последно и ова после военава криза што се случи во Украина, нешто како да се паресече, значи воопшто нема работа. Ако некој не е ликвиден во бизнисот, значи друго не му преостанува, што може друго да направи, освен да затвори“, вели Кире Трпчески, занаетчија од Прилеп.

Занаетите се исчезнати, а сега има и многу празни дуќани, кои покрај тековните состојби и дополнително се празнат затоа што економската криза си го стори своето, а и актуелната власт некако се однесува неодговорно спрема економската проблематика во државата“, забележува еден прилепчанец. 

Напоредно со падот на работата заради лошите економски политики во земјава, друг сериозен проблем е и масовното иселување на младите, што го покажуваат и резултатите од последниот попис, колку и да е тој контроверзен и дискутабилен. Занаетчиите велат дека повеќе нема млади кои би ги наследиле во бизнисот.

Оваа година некако заслабна, многу заслабна. Дали со војнава, дали со општата ситуација, дали со државава, Старата чаршија не е тоа што беше и изгледа допрва ќе има опаѓање. Штом нема есап, се затвораат дуќаните, ако има есап ќе се работи. Тоа е нормално, нема функционалност, дуќаните полека, полека ќе се затвораат. А тоа не чини. Јас искрено да ви кажам, на искуство работам, значи што имам луѓе, што имам муштерии, што имам луѓе од кај што земам роба, па ме почекуваат, а инаку сега да отвори некој, а да нема многу пари, тешко ќе преживее. Сето ми е мене од овде, тешко – лесно, јас ќе работам дури да умрам“, ни рече долгогодишен трговец во Старата Чаршија. 

Инаку, според ДЗС, со последниот попис, Прилеп има 69.025 жители, кои пак, споредени со пописот од 2002 се за 7.743 жители помалку. Интересно е тоа што во Прилеп во моментов има повеќе жени од мажи, или 34.817 жени наспрема 34. 208 мажи.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста